Home / Вести / Филипче: Се затвораат пет конфекции во Штип

Филипче: Се затвораат пет конфекции во Штип

На денешната прес-конференција, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче информираше, дека утринава на Комисијата за заразни болести се анализираше состојбата во изминатите денови и статистиката од изминатите две недели.

„Очигледно е дека и покрај високите бројки на новозаразени, нема пациенти кои се јавуваат во болниците, што значи дека поголем дел се со лесна клиничка слика, кои може да се лекуваат во домашни услови или еден сосем добар дел се асимптоматски носители. Тоа го потврдија епидемиолошките анкети. Во текот на вчерашниот ден направивме детален увид во анкетите во Центарот за јавно здравје во Скопје, каде една поголема екипа практично составена од пет тимови работи на терен во повеќе скопски општини. Тоа значи дека добар дел од пациентите остануваат дома и ни дава за право да кажеме дека здравствениот систем и со овој бран добро ќе се справи. Има сосем доволен број на болнички кревети и кадар во болниците, респираторни машини“, потенцираше министерот Филипче.

Во однос на кластерите во државата, министерот оцени дека, за Скопје, околу 70 проценти од сите нови случаи се од веќе познати кластери, пред сè од општините Чаир и Сарај каде интензивно се работеше изминатите денови.

„Денеска, веќе во Сарај нема голем број на новодијагностицирани, има само двајца. Останува интензивна работата во населбата Чаир. Тука работат овие тимови од Центарот за јавно здравје коишто ги спомнав и денеска интензивно се работи освен во Чаир и во Студеничани, од каде што се овие луѓе, коишто денеска се анкетираат и за кои резултати ќе има во текот на утрешниот ден. Во Штип, новодијагностицираните пациенти се околу оние пациенти претходно дијагностицирани, вработени во неколку конфекции. Екипа од Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, денеска, престојува во Штип, со цел да направи увид во работата на Центарот за јавно здравје. На локалниот кризен штаб, кој го води градоначалникот беше донесена одлука да се затворат пет конфекции до следниот понеделник, за којшто период близу 600 вработени ќе бидат истестирани, а тие во меѓувреме нема да претставуваат ризик за другите луѓе со кои работат. Исто таква активност во смисла на посета и анализа на работата на Центарот за јавно здравје, екипа од Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство денеска е пратена во Куманово“, изјави министерот Филипче.

Тој додаде, дека согласно сите овие анализи од претходните денови и денеска беше констатирано дека нема неконтролирано ширење на вирусот. Министерот Филипче, информираше дека утрово се разговарало и за евентуално воведување на дополнителни рестриктивни мерки, но заедничкиот став е,  да ќе се почекаат податоците од следните два до три дена, и после тоа ќе се донесе одлука. Во меѓувреме, е заклучено поинтензивно Министерството за внатрешни работи да работи на контрола на теренот, за имплементација на мерките коишто се веќе на сила. Притоа, за дополнителни рестриктивни мерки се сметаат ограничување на движењата во смисла на карантин за одредени делови, каде што има поголем број на дијагностицирани пациенти и воведување на полициски час повторно локализирано таму каде што тоа ќе биде индицирано.

„Анализата на епидемиолозите покажа дека бројката е повисока но сите тие пациенти произлегуваат од контактите. Согласно анкетите дадени во изминатите неколку денови правиме интензивен скрининг, тестирање на сите контакти коишто ги даваат новодијагностицираните. Оваа стратегија продолжува и понатаму, паралелно на веќе постојната првична стратегија за дијагностицирање на симптоматските пациенти и таргетираниот скрининг на вработените во повеќе групи“, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче информираше дека еден од главните проблеми со кои се соочуваат колегите, а за што било разговарано вчера, е слабата соработка со дел од граѓаните, одбивањето да се тестираат, одбивањето да се пријават во болница, дури и кога имаат симптоми, па тоа го прават многу често нивните соседи.

„Веројатно, кај некои граѓани, има една генерална недоверба дека вирусот постои и тоа го надминавме со МВР. Во текот на минатиот ден, целосно се анкетираше семејството на починатиот од приватната болница, но сè уште има такви поединечни примери во кои граѓаните не сакаат да соработуваат. Затоа уште еднаш апелирам дека вирусот постои, дека овие бројки се реални и дека сите мора да се придржуваат, без исклучок до препораките и целосно и вистинито да ги даваат сите информации до надлежните. Со криење и со давање невистинити податоци не се постигнува ништо, ниту некој ќе се заштити од болеста, напротив и себеси и најблиските така се доведуваат во голема опасност. Апелирам уште еднаш до МВР поинтензивно да се вршат контроли на терен. На утринскиот состанок, исто така, се разговараше и за планот кој беше претходно изготвен за следните фази за олабавување на мерките, во однос на одредени индустрии, економски оператори и заеднички беше донесена одлука на ова да се навратиме до крај на оваа недела и ова повторно ќе се разговара како ќе се продолжи понатаму, исто како и тајмингот кога во текот на неделата ќе разговараме и за дополнителните евентуални мерки, кои би ги предложиле, согласно бројот на новодијагностицирани пациенти. Засега остануваат да важат сите мерки, кои се сега на сила, важи истото и за отворањето на градинките, досега се тестирани 3.500 вработени, но за тајмингот на отворање ќе дискутираме во текот на оваа недела. Истото важи и за границите, со оглед на сегашната ситуација од минатите два до три дена, и покрај тоа што Србија и Бугарија, ги отворија границите, сметаме дека ова е нешто што треба да го дискутираме во деновите кои се пред нас, согласно новите податоци и новата ситуација“, информираше министерот Филипче.

Министерот Филипче во врска со тестирањето на дел од членовите на Социјалдемократскиот сојуз, по контактите кои ги имале со потпретседателот на партијата, Мухамед Зекири, информираше дека по завршените епидемиолошки анкети во текот на вчерашниот ден и денеска, назначена е самоизолација за потпретседателите Манчевски и Царовска, како и за Марјан Забрчанец. Позитивен е тестот и на Сања Лукаревска, а сега се работат и анкетите во однос на нејзините контакти. Во овој момент треба да заврши и епидемиолошката анкета на премиерот Спасовски, но со оглед на контактите кои тој ги имал голема е веројатноста дека ќе биде потребна самоизолација од две недели.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!