Home / Вести / Историски ден за Македонија

Историски ден за Македонија

Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на нашата земја во полноправно членство во НАТО, денеска истовремено беа подигнати три знамиња на Република Северна Македонија – две во Белгија, во седиштето на НАТО во Брисел и пред Сојузничката команда за операции во Монс, и едно во САД, во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија.
На свечената церемонија во Брисел, на која се исполнија и химните на Северна Македонија и на НАТО, присуствуваа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и в.њд. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров, кои имаа свои обраќања.

Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше Владата на Република Северна Македонија на седница со која претседаваше премиерот Оливер Спасовски, и кој на крајот на свечената церемонија имаше кусо обраќање.

Обраќањето на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме во целост:

Денеска го остваривме најголемиот успех на нашата земја од нејзината независност до денес.

Знамето на Република Северна Македонија денеска гордо се развиори во кругот на знамињата на семејството сојузници на НАТО.

Патот беше долг, но наградата што пристигна денеска, со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел – ја заслуживме.

Бидете горди, почитувани мои сограѓани.

Знамето на Република Северна Македонија е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја.

Навистина, ние денеска водиме една друга битка, битката со короната, но, за момент ќе си дозволиме да се израдуваме. Да се запише дека денеска е ден за паметење. Ден историја.

Ден кога нашето знаме се развиори заедно и рамноправно со другите од семејството на Северно-атлантската алијанса. Најмоќниот воено-безбедносен сојуз во историјата на човештвото.

Многу бргу по независноста на нашата земја, тргнавме во остварување на оваа наша стратешка цел. Се соочувавме и ги совладувавме сите предизвици. Во последните три години ги направивме клучните реформи и ги донесовме историските одлуки што го помрднаа силно напред нашиот евро-атлантски процес кој беше сериозно загрозен.

Со големите одлуки станавме подобра држава и подобро општество, и наградата стигна заслужено.

Бидете уверени дека ќе ја совладаме битката со коронавирусот и ќе го продолжиме нашиот пат на кој си поставивме остварување на другата стратешка цел – успешна завршница на процесот на преговори и членство во Европската Унија.

Ќе продолжиме да работиме на успешно спроведување на процесите за уште подобро општество и за уште подобра државна заедница на сите наши граѓани. Држава која ќе остане искрен и добар сосед со сите земји во нашиот регион. Држава која што ќе ги зајакне своите капацитети и која ќе биде партнер на сите наши НАТО сојузници во глобалните предизвици за чување на мирот.

Сојузник од кој ќе може сите останати партнери во НАТО да очекуваат поддршка, и сојузник кој секогаш ќе може да смета на сите останати земји членки.

Почитувани граѓани на Северна Македонија,

Наша должност денеска е да им оддадеме признание на сите оние кои искрено и чесно се вградија во нашиот евро-атлантски процес. На сите нив им упатувам изрази на искрена почит и благодарност. Ова посебно се однесува на претходниот претседател на Владата, Зоран Заев за неговото неуморно залагање и храбри одлуки.

Овој ден немаше да се оствари и без поддршката на нашите сојузници, Соединетите Американски Држави, земјите членки на НАТО, и нашите соседи.

Среќни сме што денеска сме заедно со сите нив поврзани со солидарноста и единството. Заедно сме посилни. Ние сме НАТО.
*
Формалната постапка за полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на нашата земја во алијансата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!