Home / Вести / Кој телефонирал да почне акцијата на 27 април?

Кој телефонирал да почне акцијата на 27 април?

Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска до Кривичниот суд поднесе обвинение за вкупно 30 осомничени за насилството што се случи на 27 април 2017 година во Собранието. Како што појасни јавниот обвинител Љубомир Јовески, 28 од обвинетите се гонат за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а двајца се гонат за „Помагање“ при вршење на истото кривично дело. За четворица пак постапката е прекината бидејќи во моментот се во бегство, а за едно лице, односно пратеничката Жаклина Пешевска, кривичното гонење е запрено.

-Обвинителството утврди дека обвинетите, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на РМ, да оневозможат избор на Претседавач и Претседател на Собранието, предизвикале акт на насилство, со што го загрозиле животот на пратениците, новинарите, овластени службени лица и вработени во законодавниот дом и создале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, изјавија од Обвинителството.

Од обвинителството тврдат дека обезбедиле докази дека обвинетите извршувале повеќе поврзани и усогласени дејствија, поточно дел биле задолжени за мобилизирање на членството на неколку здруженија и други лица за насилно влегување во Собранието.

-Обвинетите дејствувале од различни позиции и групи, но во содејство и координација, со иста заедничка цел, да се оневозможи натамошно функционирање на законодавниот дом и на пратениците од парламентарното мнозинство, изјавија од Обвинителството.

Тројцата обвинети кои доаѓаат од редовите на МВР, меѓу кои и Митко Чавков, а биле носители на златна и сребрена команда, се гонат бидејќи не пратиле засилување.

-Иако континуирано биле известувани дека животот им е загрозен на пратениците од новоформираното пратеничко мнозинство, новинарите, вработените и овластените службени лица во Собранието, не издале наредби за распоредување на дополнителни посебни и специјални полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедување на Собранието тој ден. Овие обвинети не издале ни наредба за евакуација, со што оневозможиле непречено да се вршат акти на насилство и директно придонеле непречено да се влезе во законодавниот дом и да се оствари целта на насилниот напад, појаснија од Обвинителството.

Од групата на обвинети се издвојува едно лице кое уште дента во 14.30 часот било известено да ја започне акцијата, по што заедно со уште неколкумина обвинети го мобилизирале членството од Скопје но и од други градови за насилен упад во Собранието. Освен што ги организирале на дел им дале и маски-фантомки, по што следувал уште еден телефонски повик во 18.58 часот да се упатат кон Собранието. Од обвинителствот не откриваат кој е нарачателот или организаторот, односно кој во два наврати се јавувал на телефон и ја координирал акцијата од самиот почеток?

Со обвинителниот акт опфатени се и Игор Дурловски, Владо Јовановски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, кои според обвинителсниот акт ги повикале и ги повеле насобраните граѓани околу Собранието и со потпалувачки говори ја разгореле нетрпеливоста на насобраните граѓани. Па според обвинителството, потикнатите граѓани се упатиле кон парламентот.

Со обвинението се опфатени и петмината пратеници Јохан Тарчуловски, Крсто Муковски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски, кои заедно со тројца од собраниското обезбедување се обвинети за отварање на двете врати. Но пред да се отворат вратите, еден од пратениците преку телефон се слушнал со еден од обвинетите кој бил пред Собранието, по што вратите се отвараат. Телефонскиот повик според обвинителството покажува координација меѓу групата обвинети од пред Собранието и оние кои биле внатре.

Кога луѓето влегле внатре, двајца вработени во Собранието и еден вработен во Агенцијата за разузнавање ги насочувале каде да се движат. Останатите обвинети, пак, се гонат бидејќи физички ги нападнале пратениците.

-Додека траело насилството и нападот од страна на обвинетите, едно од обвинетите лица, се насочиле кон оштетениот пратеник Зоран Заев, посегнал кон пиштолот кој го носел со себе, но не испукал затоа што оштетениот бил заштитен од обезбедувањето и од други присутни лица, информираат од Обвинителството.

Оттаму открија и дека биле поставени и две импровизирани експлозивни направи под работните бироа во две канцеларии.

Двајца вработени во МВР, пак се гонат за помагање, бидејќи одзеле два хард диска од видео надзорот, со цел да ги покријат трагите. Покрај овие обвинети, обвинителството утвдило дека во насилството биле вклучени уште лица, но засега не успеале да им го откријат идентитетот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!