Home / Економија / Компаниите очекуваат турбулентна економска година

Компаниите очекуваат турбулентна економска година

Што поскоро формирање на новата влада, нејзино транспарентно, отчетно работење, функционални институции, инсталирање на бизнисот во врвот на политичката агенда и стратегија за долгорочен економски развој, бараат компаниите.

Дел од нив оценуваат дека претстојната 2017-та ќе биде тешка економска година, со големи предизвици и турбуленции.

– Стопанството подолго време се соочува со многу предизвици, внатрешни и надворешни фактори кои влијаат на неостварување на предвидените деловни активности, како двегодишната политичка нестабилност, надворешните влијанија на мигрантската криза и потешкотиите во економиите на соседните земји. Годината што следи ќе биде турбулентна, бидејќи за бизнис заедницата се неопходни функционални институции, вели претседателот на Сојузот на стопанските комори (ССК) Данела Арсовска.

Според ССК, поради континуираната неизвесност, евидентно е намалувањето на инвестициите и на извозот. 

– Согласно расположливите макроекономски показатели, 2016 година би требало да се заокружи со економски раст од околу 2,5 проценти, а за 2017 година очекувањата се да се искачи до три отсто. Сепак, проекциите ги даваме со претпазливост бидејки ризик факторите се уште се присутни и можат да влијаат на севкупниот економски раст, додава Арсовска.

Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) смета дека ако се земат предвид сите околности, економските показатели нема да бидат многу позитивни, почнувајќи од БДП кој ќе се движи меѓу два и три отсто.

– Како и 2016-та, и оваа година за Македонија ќе биде многу тешка со големи предизвици. Ќе имаме нова влада, потоа и локални избори, а ниту во светски рамки не се гледа дека 2017-та ќе биде многу добра од економски аспект. Согласно економските платформи на политичките партии, ќе продолжиме да се задолжуваме, дури некои од нив имаат поставено и таргет за јавниот долг, да се достигне во наредниот период до 60 проценти од БДП, посочуваат од СКСЗМ.

Поскоро формирање на новата влада е нужно, за, како што нагласува Комората, работите да почнат да се движат.

– Конзинстентно бараме од идната влада да биде транспарентна и отчетна. Најмалку што може да направи е да го спроведе законот за рамномерен регионален развој и да овозможи подобри услови за водење бизнис на домашните компании наспроти странските инвестиции и секако, владеење на правото, подвлекува СКСЗМ.

Стопанската комора на северозападна Македонија изготви Економска платформа во која, покрај овие барања, предвидува и откажување од митот „ефтина работна сила“, раст на БДП преку четири отсто во следните четири години, намалување на стапката на невработеност и на нееднаквиот регионален економски развој. Платформата им беше предочена на дел од политичките лидери пред изборите, а опфаќа и предлог-реформи во различни области: јавни и државни институции, вработувања, развој на бизнисот, инфраструктурата, енергетиката, туризмот, технолошко- индустриските зони, земјоделството,…

За Стопанската комора на Македонија, пак, клучни се три приоритети: постигнување договор меѓу приватниот и јавниот сектор, изготвување стратегија за долгорочен економски развој со претходно спроведување попис на населението и моделирање на коморскиот систем во насока на развој на државата, но, неопходно е, како што вели раководството, и изедначување на домашните со странските компании.

– Бизнисот треба да биде во врвот на агендата на политиката, да се зголеми степенот на одговорност, да продолжат капиталните инвестиции, да се подобри состојбата во правосудството, да се постигне раст што може да не прави конкурентни на другите пазари, се препораките на Стопанската комора.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*