Home / Култура / Концерт на ансамблот “Македонија“ вечерва во Центарот за култура

Концерт на ансамблот “Македонија“ вечерва во Центарот за култура

Центарот за култура-Битола вечерва ќе биде домаќин и организатор на целовечерен концерт што ќе го приреди ансамблот „Македонија”, а ќе се одржи во големата сала.

Ансамблот „Македонија” е репрезент на македонската традиционална култура. Единствен во државата од ваков тип, ансамблот работи со кадар – професионалци, со кого раководат стручни лица од областа на традиционалната музика, игра и песна, информираат од НУ Центар за култура во пресрет на вечерашниот концерт.

– Младите уметници достојно го претставуваат она што се нарекува минато, она што претставува духовна и материјална култура, со еден збор – генетски код на еден народ. Концертите на ансамблот „Македонија” претставуваат предизвик за публиката во музички и мисловен смисол. Презентирајќи ја традицијата, музички, виртуоизно и издржано, ансамблот дава оригинална и веродостојна порака за разноликоста на македонската традиционална игра, како и квалитетна музичка вклопеност на инструментите кои со векови опстојувале на овие простори, истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

Според програмата, ансамблот „Македонија” вечер од 19:30 часот ќе изведе ора и песни од Средорек, Жеглигово и Славиште, машкото оро од Малешевијата, „Тодоро либе Тодоро”-песна од Скопска Блатија, Велигденски игри од Порече, една чалгаџиска песна од Велес и ора од Радовишки Шоплук и Радовишко Поле.

Извор МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*