Home / Култура / Лирскиот тенор Божо Вречо вечерва на фестивалот „Музика од светот“

Лирскиот тенор Божо Вречо вечерва на фестивалот „Музика од светот“

Босанскиот и светски познат изведувач на севдалинки Божо Вречо, вечер ќе настапи на фестивалот „Музика од светот“ што се одржува во Битола.

Од Центарот за култура во Битола, кој е организатор и домаќин на 9. фестивалско издание, информираат дека по синоќешниот концерт на групата „Љубојна“ со специјалниот гостин Џамбо Агушев, вечер се очекува спектакуларен настап на Вречо, кој предизвика голем интерес кај публиката во регионот.

– Божо Вречо е еден од најинтересните и најпознати изведувачи во доменот на севдахот. Вречо е лирски тенор кој привлекува многубројна публика и настапува на концерти низ Европа и светот кои претходно се распродадени. Неговата акапела-интерпретација на севдалинките е секогаш спектакуларна. Има ангелски глас и во Битола ќе пее песни од своите четири албуми вклучувајќи го и последниот „Пандора“ издаден во Брисел – истакна Зоран Димовски, директор на Центарот за култура – Битола.

Фестивалот „Музика од Светот“ се одржува под покровителство на Министерството за култура. Вечерва во големата сала на НУ Центар за култура, освен Вречо, концерт ќе одржи и групата „Џипси грув“.

– „Џипси грув“ изведуваат автентична балканска ромска музика во која се влеваат и други музички влијанија како џез, реге, фанк…Членовите на бендот се од различни етнички припадности и нивните настапи донесуваат културна разновидност. Настапувале на различни сцени низ Европа и светот иако се формирани пред неколку години, односно во 2010 година – вели Димовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!