Home / Култура / Магијата на Малиот битолски Монмартр го освои светот

Магијата на Малиот битолски Монмартр го освои светот

Кога пред точно 35 години, тогашниот учител по ликовно воспитување во ОУ “Кирил Методиј“, Коста Хаџиантоновски за прв пат ја промовираше идејата која постојано претходно го пре-окупираше да направи детско ликовно студио во кое ќе членуваат талентирани деца по цртање и сликање, ни самиот не веруваше дека тогашната негова идеја, ќе го освои светот.

Сеќавајќи се  денес, за почетоците, кога кај своите колеги наставници, во училиштето каде што работеше  ја промовираше идејата за формирање на детско ликовно студио, Коста Хаџиантоновски вели:

-Се сеќавам беше 1980 година, кога во ОУ “Кирил  Методиј“ во Битола, каде што работев као наставник  им реков дека излегувам од работа и дека сакам да формирам студио, за талентирани деца кои ќе сликаат во него.  Тогаш сите беа скептични на таквата моја идеја и ме советуваа да се откажам. Но јас цврсто одлучив да ја реализирам  истата и ја напуштив работата ликовен педагот во ОУ “Кирил Методиј“ и го формирав  студиото. Тоа го направив затоа што дотогаш со моите ученици имав освоено над 1.000 награди и се чуствував “заробен“ во училниците по ликовно воспитување.

Сакав да излезам надвор и да работам исклучиво со млади ликовни таленти. Таквата моја одлука ме чинеше подолго од 1,5 година да останам  без плата, бидејќи во тогашното Министерство за образование не сакаа ни да слушнат да ми плаќаат плата за работа со талентирани деца. Но,  дури по 1,5 година ја “прочитаа“ мојата идеја и  по еден разговор со Анатолиј Дамјановски  се согласија  да ми исплаќаат плата. Набргу во Детското ликовно студио се зачленија 50 најталентирани деца од Битола,  со кои почнав да ја испушувам  историјата на денешниот “Мал битолски Монмартр“, се сеќава Коста Хаџиантоновски.

monmartr 12

Денес 35 години подоцна, слободно може да се каже дека магијата на “Малиот битолски Монмартр“, откако најпрво ги освои просторите на Битола, Македонија и поранешна Југославија го освои светот.

-Денес по 35 години од организирањето на Малиот битолски Монмартр наш најголем проблем е како да ги прифатиме сите оние држави кои сакаат да учествуваат  на колонијата. Битолскиот Монмартр го освои светот. Денес слободно може да се каже дека Монмартр  ги освои земјите од Азија, Малезија, Индонезија, Кина, Тајланд, Шри ланка, потоа Европа,  САД, Австралија. Тоа што посебно не радува е што покрај децата постојано со учесниците на Колонијата од овие далечни земји во Битола доаѓаат не само нивните ликовни педагози, туку и нивните  родители, кои слушајќи ги впечатоците на своите деца  посакаа и тие  да дојдат во Битола и откако видоа што се тука се случува сега и тие не пропуштаат ниту една манифестација. Така на годинашната ликовна ко-лонија “учествуваат“ дури 35 родители на децата уцесници од кои најголемиот број беа од Азија, вели Коста Хаџиантоновски.

Користејќи ги искуствата на иницијаторот и основачот на Малиот битолски Монмартр Коста Хаџиантоновски денес исти или слични  манифестации се држат во неколку земји во светот: Кина, Португалија, Малезија, Турција,  Србија, а од наредната година слична манифестација ќе се организира и во Романија.

Кога со доделувањето на наградите беше означен крајот на годинашната колонија сите учесници со солзи на очите разделувајќи се од Коста Хаџиантоновски посакаа да дојдат и идната година.

-Почетокот не беше ни лесен ни едноставен. Кога на луѓето што го водеа списанието за деца “Модра ласта“  од Хрватска им соопштив дека сакам да организирам југословенска ликовна колонија во Битола, тие сметајќи дека Битола е многу далеку и дека ќе им се намали тиражот на списанието,  настојуваа по секоја цена  да ме предомислат. Но набргу и нив ги  убедив и добив “виза“ да организирам ликовна колонија. На првиот општо југословенски конкурс се јавија  над 120  училишта од речиси сите градови на Југославија и на 24 мај ја промовираме првата Детска ликовна колонија, се сеќава на почетоците Коста Хаџиантоновски.

Луѓето од “Модра Ласта“ кои допатуваа во Битола, кога ја видоа организацијата на Колонијата  токму во “Модра ласта“ напишаа репортажа која имаше наслов  “Мал битолски Монмартр“. Подоцна сите го прифатија таквиот наслов  и почна неговата промоција не само во детските спсианија, туку и во другите светски медиуми.

monmartr 6

Се до распаѓањето на Југославија, секоја година пред 24 мај од Љубљана за Битола тргнуваше возот “Братство единство“ во кој се возеа учесниците на Колонијата.

-Тие денови навистина се незаборавни. Сеуште ми се свежи сеќавањата кога на железничката станица во Битола пристигнуваше возот и кога од него излегуваа стотици учесници. Нивните прегратки, беа најдобрите роденденски  честитки кои ги добивав, вели Коста.

Кога по војната се распадна Југославија, многумина му  предвидуваа крај и на Малиот битолски Монмартр. Но се случи обратното. Тој не само што не згасна, туку стана толку многу голем, што го освои светот. Денес за него се знае насекаде во светот. А Коста Хаџиантоновски, идејниот творец на детското ликовно  студио, е почесен граѓанин во Хонг Конг.

-Ова е светска манифестација. И покрај тоа што ние во Белград пробавме да организираме ваква манифестација по само две години се откажавме, бидејќи немавме ни средства ни енергија да ја одржиме, вели Светлана Ралевиќ од Белград.

Ликовната колонија во Битола беше инспирација иста таква да се организира и во Хонг Хонг.

Малиот  Кени Лау, е миленик на сите учесници. Тој иако има само 10 години веќе 8 години е редовен учесник на Колонијата. Неговиот татко Хенри Лау, вели дека Коста Хаџиантоновски му го смени животот на Лау и тој го сака него како да му е негов  дедо.

-Да не беше Коста ние во Хонг Хонг никогаш немаше да организираме ваква ликовна ко-лонија. Но иако и кај нас сега се одржува ликовна колонија, таа сепак ни најмалку ја имаа таа убавина и енергија како во Битола.  Благодарение на колонијата ние ја запознавме Битола и Македонија, а токму оваа колонија му го смени и одреди  животот на мојот син Лау, вели таткото на  Кени Лау, Хенри Лау.

Инаку  на годинашниот “Мал битолски Монмртар“  учествуваа млади ликовни уметници од  петнаесетина земји  во светот. Покрај од Република Македонија,  во  најновото издание  на “Малиот битолски Монмартр“ учествуваа учесници од Словачка, Кина, Русија, Романија, Турција, Украина, Србија,  Бугарија, Полска, Индија,  Тајланд и Малезија.

Почетокот на ликовната колонија, симболично го означи малиот ликовен уметник од Хонг Хонг, Кени Лау кој веќе неколку години е учесник на Колонијата.

Годинашните учесници на Малиот битолски Монмартр, покрај во Битола сликаа и на улиците во Крушево и Охрид.

Учесниците на Колонијата еден ден во Битола сликаа на тема “Олимпијадата во очите на децата“, а најдобрите ликовни творби ќе бидат претставени  во Олимпиското село во Рио де Женерио, Бразил, за време на одржувањето на  летните олимписки игри. Изборот ќе го направи тим на Меѓународниот олимписки комитет од Лозана, кој во јуни еден ден ќе престојува во  Битола.

Инаку,  годинашен добитник на највисокото признание на Малиот битолски Монмартр  “Гран при“ е училиштето од Списка Бела, Словачка.

 

                                                   Донирани над 2000 цртежи

 

И покрај тоа што Малиот битолски Монмартр во организациите на оваа светска манифестација се среќава со доста проблеми, пред се од финансиска природа, не ретко Детското ликовно студио “Кирил Методиј“ од Битола  во голем број прилики  се јавува и како донатор.

deca bitola 7 (1)

Така во изминатите години, според зборовите на раководителот на студиото Коста Хаџиантоновски, Малиот битолски  Монмартр има донирано  на разни институции, училишта, градинки, установи,  над 2.000 слики, изработени на ликовната колонија во Битола.

Интересно е што  дел од учесниците од Кина, кои учествуваат на Колонијата се јавуваат и како донатори.

Кога пред две години  Детското ликовно студио го зафати пожар, први кои ни помогнаа за негово санирање беа луѓето од Хонг Хонг, кои ни донираа 7.000 евра, вели Хаџиантоновски.

 
Автор: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски 

Текстот е објавен и во дневниот весник “Нова Македонија“ 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*