Home / Вести / Моите први почетоци во новинарството беа во Битолски весник

Моите први почетоци во новинарството беа во Битолски весник

         

Пишува:

Проф. д-р Веле Смилевски

Претставува вистински подвиг да се создаде и да се продолжи традиција од 60 години во дејност каква што е објавувањето на весник, посебно нагласувам, во печатена форма. Искрени честитки за тимот на „Битолски весник” кој во сложени економски, социјални, политички и национални услови, овој значаен јубилеј за македонското новинарство  го издига на степен на цврста решеност за професионално и одговорно соочување со сите предизвици во зачувувањето и надградувањето на оваа традиција.

„Битолски весник” во изминатите 60 години создаде хроника на пулсирањето на еден од најзначајните и најспецифични градови во Македонија и во регионот. Новинари од различни генерации, со различни профилации, но со ист жар својствен на вистинските поклоници на журнализмот, со децении на страниците на овој весник ја испишуваа историјата на Битола. Затоа моја препорака е: отворете ги комплетите на „Битолски весник” за да го почувствувате здивот на овој град во сите области и на сите рамниста од секојдневниот живот.

„Битолски весник” мене ме врзува и како прв медиум со кој почнав да соработувам и да го учам новинарскиот занает. Во мојата библиотека имам една скромна, но за мене драгоцена збирка со 74 факсимили од соработката со весникот во 1966 и 1967 година. Тоа беа почетоците на еден ентузијаст кој, веке, од 1971 година работеше како професионален новинар во „Нова Македонија”, подоцна во Македонското радио, а од 1980 беше професор на Студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Се секавам на тие почетоци со радост, но и со носталгија. Верувам дека весникот и натаму ќе биде отворен за младите новинари кои со успех ке го продолжат она што редакцијата на „Битолски весник”, предводена од еден од доајените на македонското новинарство,  Менеде Младеновски, го постигна на ниво што заслужува внимание и респект.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*