Don't Miss
Home / Uncategorized / НАТО ја гарантира безбедноста и сигурноста на Македонија

НАТО ја гарантира безбедноста и сигурноста на Македонија

Во организација на Инфо-центарот за евроатлантски интеграции и невладината организација МОСТ во Битола се одржа панел дискусија посветен на темата „Безбедносни предизвици за Северна Македонија од членството на НАТО“, на која зборуваа Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија.

– Во овој момент за нас, за нашата држава, не постои ниедна друга реална, опиплива опција во поглед на обезбедување подолгорочна стабилност и сигурност на државата, освен патот кон наше целосно евроатлантско членство, најнапред во НАТО, а потоа и во ЕУ. Северна Македонија, иако сè уште не е полноправна членка во НАТО, сепак веќе две децении наназад е респектабилен партнер на Алијансата. Нашата контрибуција е неспорна и потврдувана многу пати од овој сојуз. Ние и сега, иако формално сè уште не сме дел од НАТО, практично целосно ги споделуваме сите предизвици што стојат пред Алијансата – истакна министерот за внатрешни работи  Оливер Спасовски.

Тој додаде дека во изминативе две-три години, и како Влада, и како министерство за внатрешни работи, токму во безбедносната сфера Македонија презеде и реализирашее низа активности, отпочнувајќи ја целосната реформа на овој сектор.

– Делумно бевме мотивирани од внатрешно-општествените реалности, но и заради воспоставување на стандарди што ќе бидат во корелација со оние во земјите членки на НАТО и што се, всушност, дел од оној битен, условно кажано, политички концепт што НАТО алијансата го фундира како нужен критериум за рамноправна членство. Преку носењето на законите за ОТА и АНБ, како и другите измени во нормирањето на оваа сфера, преку реформата на самото министерство за внатрешни работи и носењето на мноштво важни агенди и механизми на институционално рамниште, Република Северна Македонија направи повеќе од суштински исчекор во хармонизацијата на регулативата и практичното делување во областа на безбедноста, соодветно на НАТО стандардите – рече Спасовски.

Тој истакна дека нашето асоцирање во НАТО е извонредна можност за далеку подинамичен и реален развој на нашата држава, и пред сè,  за наше конечно етаблирање на светската мапа на држави. Колку и како ќе се искористи таа прилика, првенствено зависи од нас самите, нагласи Спасовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*