Home / Колумни / (НЕ)ЧИСТ ВОЗДУХ

(НЕ)ЧИСТ ВОЗДУХ

Не знам дали ни е судбина или некое проклетство, но, по се изгледа, ние на овие простори не можеме да се обединиме за ниту едно прашање. И тогаш кога некој од нас, или повеќемина, размислуваме со чисти мисли, мора да се најде некој кој ќе ги контаминира и нив.

Кај нас изгледа се стана политика и сите работи се гледаат низ призмата на дневната политика. Токму затоа, деновиве не можеме во Битола да се обединиме ни околу иницијативата “Битола сака чист воздух”.

Ниту мотото на иницијативата дека за “За нас се работи“ не беше доволна причина, да се обидиниме сите битолчани и да се договориме како да се избориме, ако не за чист, тогаш барем за почист воздух во Битола.

Иако иницијативата, за наши прилики, мошне брзо по нејзиното појавување во јавноста, се најде на дневен ред пред советниците и ја доби поддршката на локалната власт, организирано да се направат напори ако не да се реши, тогаш барем да се ублажи овој проблем, сепак некои поединци се обидуваат и оваа иницијатива да ја загадат и да ја насочат кон водите на валканата дневна политика.
Додека иницијаторите и нивните поддржувачи се обидуваат на секој начин да докажат дека воздухот што го дишиме во градот е нечист и дека битолчани се изложени на постојано “труење”, некои други, како да дишат подруг воздух, се обидуваат да не (раз)убедат дека воздухот што го дишеме е чист и дека нема потреба од паника. И, според мене, тоа во извесна смисла е и нормална појава кога иницијативите се гледаат низ призмата на политиката.

Но тоа што особено ме загрижува мене е тоа што ако се следат некои коментари и реакциии на социјалните мрежи, на прв поглед изгледа дека на некои т.н. “поддржувачи” на иницијативата “За чист воздух во Битола” како воопшто да не им е до решавање на овој проблем, туку сакаат истиот да го искористат за да ги искажат своите прикриени ниски политички страсти.
Како инаку да се толкуваат коментарите кои се јавуваат на фејсбук-профилот на иницијаторите каде буквално на нож се пречекува секое решение кое ќе го понуди локалната власт.

Да се разбереме, уште на самиот почеток сакам да нагласам дека Битолски весник уште од самиот почеток и преку Весникот и преку Порталот му даде целосна поддршка на иницијаторите “За чист воздух во Битола”. Поради нашата загриженост за воздухот кој го дишеме, иницијаторите добија масовна поддршка и од граѓаните на Битола.
Но таквата поддршка не смее да се злоупотреби за други цели, најмалку политички.
Во таа битка за чист воздух во Битола треба да се вклучат сите и надлежни и ненадлежни институции кои со своите добронамерни совети и познавања можат да помогнат како битолчани да дојдат до почист воздух во градот. Но, во таа битка ниту смее, ниту можат да се дозволат шпекулации, а уште помалку манипулации. Тука мора знаењето и фактите да го имаат последниот збор.
Не може секој од нас да се прави експерт и со своето (не)знаење да ги труе сите кои барем нешто знаат од оваа проблематика. Но, тука не само што треба, туку и мора иницијаторите да се изборат во таа акција да се вклучат тие што најмногу знаат и што можат да помогнат, ако не да се реши, тогаш барем да се ублажи овој проблем.
Но, тоа што најпрво треба да се направи е таа битка за чист воздух во Битола не смее да биде селективна.

Најпрво треба и мора да се детектираат загадувачите и да се утврди со факти од каде доаѓа најмногу загадувањето на воздухот во Битола. Доколку тоа не се направи залудни ќе бидат сите други активности.

А искрени да бидеме, во последно време, загадувачи има се повеќе. Ги има околу градот, но и во градот.
Впрочем, како во медицината за да се лекува кој било пациент, најпрво треба да се дијагностицира од што тој боледува. Без добра дијагноза нема ни успешно лекување.

Затоа во оваа акција мора знаењето и науката да го имаат главниот збор. На импровизациите и шпекулациите треба уште отсега да им се стави до знаење дека нема да ја имаат поддршката не само на Иницијативниот одбор, туку и на јавноста.
Но притоа мора да се тргне од мислата дека чистиот воздух во Битола им е потребен на сите и на тие од опозицијата и на тие од власта, зашто на крајот на краиштата сите ние истиот го дишеме.
Барем кога станува збор за воздухот не смее да се надмудруваме кој колку и како загадува(л), или пак дека власта намерна го труе својот народ, а опозицијата се обидува по секоја цена да го спаси од загадувањето.
Барем кога е во прашање воздухот нема привилегирани во градот. Сите ние дишеме (не)чист воздух, а жртви на таквото труење од загадениот воздух сме сите, некој помалку некој повеќе.
Од таквиот воздух заболуваат и луѓе и од власта и од опозицијата, или нивни блиски. Оттаму оваа, верувам благородна иницијатива, никој нема право ни да ја употреби, ни да ја злоупотреби, ни за свои, а уште помалку за некои други цели.

 

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!