Home / Uncategorized / Новинарите ја напуштаат 1 ТВ

Новинарите ја напуштаат 1 ТВ

Почнаа да бегааат новинарите и уредниците од 1ТВ. Откако неформалниот сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски – Боки 13 вчера беше уапсен и доби 30 дневен притвор поради перење пари и примање награда за противзаконско влијание, главниот и одговорен уредник на 1ТВ Ацо Кабранов денеска изјави дека ја напушта функцијата во телевизијата.

Претходно истото тоа го најави и новинарката Јадранка Костова која работеше во 1ТВ со авторски договор. Кабранов за А1Он изјави дека нема да го потпише хонорарниот договор со телевизијата наредниот месец, што го потишувал секој месец, од здравствени причини.

Според него, со тимот од телевизијата го следеле вчерашниот настан, професионално и дека „не кренал телефон кај обвинителката Русковска, ниту пак имал намера’. „Точно е дека таа ми е братучетка, ама таа работа си е за по дома“, изјавил Кабранов.

Јадранка Костова за „Независен“ рече дека се повлекува од телевизијата, и дека веќе две-три недели не оди на работа во 1ТВ.

„Работев таму со авторски договор. Ја правев емисијата во петок и само во петок се појавував во телевизијата. Со интервјуто на Јовановски заврши и мојот ангажман во телевизијата. – вели Костова, која е координатор на проектот „Фокус“ и вели дека на тоа работи.

Новинарот Борјан Јовановски, пак, ангажиран во 1ТВ со своја емисија, прв се јави со реакција во јавноста по вчерашното апсење на Боки 13 и по оставката на специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Не смее да се дозволи глупоста на Катица да ни ги уништи идеалите за правна и демократска држава. Главите горе..оваа држава минува низ последните мелници на транзицијата и од нив ќе излезе онаква каква ни доликува да биде“, напиша Јовановски на својот профил на Фејсбук.

Инаку, Бојан Јовановски и Зоран Милески „Кичеец“ се во притвор поради сомневање дека изнудувале рекет од познат бизнисмен за да се влијае врз случајот кој во СЈО е воден против него. За тоа му биле побарани 8 милиони евра, а исплатени 1,5 милиони. Се шпекулира дека станува збор за пријава од бизнисменот Орце Камчев, сопственик на „Систина“.

Има сознанија дека списокот на рекетирани бизнисмени изнесува околу 50 лица, меѓу кои се и Томе Главчев, газда на „Ноел“ од Гевгелија, Ратко Димитровски од „Европа 92“, Владо Тодоровиќ на „Тинекс“,  Дејан Панделевски газда на „Лозар Пелистерка“ , Силјан Мицевски, сегашен конзул на Србија…од кои биле изнудувани илјадници или милиони евра за разни услуги. Вкупната сума се проценува дека е над 8 милиони евра.

Симптоматично е дека повеќето од овие фирми имаа закупено постојан рекламен простор во ударни термини токму во телевизијата со која шефуваше Боки 13.

Многу е веројатно дел од парите или сите, кои биле земани како изнуда, да се давани во форма на реклами, односно да биле користени за сосема други намери или за перење на пари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*