Home / Вести / Одбележан Денот на рударите во РЕК Битола

Одбележан Денот на рударите во РЕК Битола

Со врачување на пофалници и парични награди за голем број вработени, кои со децении работаат во Комбинатот, денеска во РЕК „Битола“ беше одбележан Денот на рударите.

На свеченоста зборуваа потпретседателот на Владата Кочо Анѓушев, генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски, првиот човек на АД ЕЛЕМ Подружница РЕК Битола, Васко Ковачевски, како и директорот на Рудникот Сувдол, Душан Вукадиновиќ.

Честитајќи им го празникот на рударите, вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека во најголем дел работењето на ЕД ЕЛЕМ зависи од работењето на РЕК Битола, кој е столбот на електро- енергетскиот систем во државата.

 

-Ние како влада секогаш со раководството на АД ЕЛЕМ заеднички посветено ќе работиме на одржлива и предвидлива иднина на Комбинатот. Иако состојбата која ја затекнавме во РЕК Битола можеби не е розова, таа треба и мора да ја подобриме, а кога станува збор за енергетиката мора да се имаат предвидливи планови за најмалку десетина години, истакна Кочо Анѓушев.

Тој нагласи дека мора да се подобри состојбата во рудникот “Брод Гнеотино”, состојбата со ископите и мора без алтернатива да се мисли во блиска перспектива на отворањето на Рудникот „Живојно”. Само на тој начин ќе се обезбеди континуирана работа на РЕК Битола нагласи Кочо Анѓушев.

На свеченоста на присутните им се обрати првиот човек на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски, кој нагласи дека во РЕК Битола се преземени низа активности за подобро и поекономично производство на електрична енергија.

Во таа смисла тој истакна дека покрај другите активности направени се чекори за обезбедување на Комбинатот со сопствена механизација, со што не само што ќе се подобри, туку и ќе се поевтини, производството.

Првиот човек на РЕК Битола Васко Ковачевски во своето обраќање до вработените на Комбинатот истакна дека во РЕК Битола во целост е сменет начинот на производство и дека денот на рударите РЕК Битола вработените го дочекаа со реализирани бројни активности.

Тој истакна дека покрај за зголемувањето на производството новото раководство ќе се залага за подобрување на работната и животна средина, модернизација на блоковите со редовни ремонти, обезбедување на „А” интегрирана еколошка дозвола, пошумување на голите површини на Комбинатот, рече Васко Ковачевски, кој истакна дека РЕК Битола целосно подготвен ја пречекува престојната зимска сезона.

Инаку РЕК Битола во рамките на одбележувањето на 30 години од пуштањето во работа на ТЕ „Битола 3” и Денот на рударите, раководството на Комбинатот организира и низа други активности и потпиша неколку Меморандуми за соработка со неколку битолски средни училишта, Техничкиот факултет, а во текот на утрешниот ден ќе бидат потпишани Меморандуми за соработка и со општините Новаци и Могила.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!