Home / Вести / Одржани втори консултации за ново студентско организирање во Битола

Одржани втори консултации за ново студентско организирање во Битола

На Правниот факултет во Битола студентите по втор пат имаа шанса да ги споделат своите ставови и мислења за студентското студентските парламенти на вторите консултации за ново студентско организирање. На настанот воведни обраќања дадоа Ангела Јанкоска од студентската организација ЕЛСА, Ѓорѓи Рајчиноски од Студентски пленум, Никола Петровски од Национален младински совет на Македонија и Александра Филипова од Младински образовен форум.

По воведните обраќања за реформите кои ги предлагаат студентските организации, присутните ги изнесоа своите ставови за студентските парламенти, финансирањето на студентското организирање, студентските правобранители и разликите меѓу универзитетите за кои треба да се најде решение преку Законот за високо образование.

„Процесот на донесување на еден закон кој е од витално значење за нашето општество мора да биде инклузивен, односно да опфати што е можно поголема група на луѓе што ќе се вклучи во креирање на истиот. Ние, како млади луѓе кои битката за подобро образование ја почнавме пред 3 години, имаме должност да ја истераме оваа работа до крај. Се надевам дека Министерството за образование и наука нема да ја направи грешката на претходната гарнитура – студентите наместо на маса да ги врати на улиците; така што очекувам ова да е увертира во еден европски систем на образование кој заеднички ќе го градиме“ – вели Ѓорѓи Рајчиноски.

„Институциите мора да сфатат дека младинското учество е од особено значење и дека треба истото да го прифатат, промовираат и поддржат. Се надевам дека ќе имаме Закон за високо образование кој ќе ги среди досегашните проблеми со студентското организирање а истиот ќе биде креиран во соработка со студентите и студентските организации“ вели Александра Филипова од Младински образовен форум.

„Студентското организирање треба да се води по принципот „од студентите, за студентите“ бидејќи тие најдобро ги знаат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат. Додека пак студентските парламенти останати како реликвија на минатиот систем не само што не ја исполнуваат целта за која постојат туку и упатуваат на погрешна слика за тоа што претставува студентското организирање и вклучување на студентите.“ вели Никола Петровски од Националниот младински совет на Македонија.

„Постоечкиот Закон за високо образование недоволно прецизно го уредува студентското организирање, па како последица се соочивме со претставнички тела достапни само до одредени “елити”, нетранспарентни, неодговорни, кои застапуваат само свои потесни интереси. Новиот закон треба да ги пополни празнините, да обезбеди јавност во работата, легитимност на изборите и пратеници кои ќе бидат вистински претставници на студентите. На тој начин ќе се стави крај на досегашните злоупотреби и ќе се зголеми довербата во студентските организации“ вели Ангела Јанкоска од студентската организација ЕЛСА.

Покрај јавните консултации одржани во Штип и Битола, планирани се консултации во Скопје и Тетово кои ќе се реализираат до крајот на овој месец. По консултациите ќе се изработи документ кој ќе ги содржи сите препораки од настаните и ќе биде презентиран на Министерството за образование и наука, пратеници, Агенција за млади и спорт, младински и студентски организации и останати чинители.

Активностите се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено Општество – Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!