Home / Колумни / Опасни игри со минатото и иднината

Опасни игри со минатото и иднината

                           

          Во петокот, на 2 август, Република (Северна) Македонија   го прослави својот  прв Илинден.

          На 2 август, се навршија  точно 116 години од  денот кога Македонскиот народ, заедно со останатите народи  кои живеаја на  овие простори се одлучија со оружје в рака, да се кренат против вековното ропство и да се изборат за својата  слобода.

          Првиот Илинден, ја искажа вековната желба на Македонците и останатите народи  кои живеаја на овие простори за своја, самостојна, независна, автономна држава, во која сите  ќе бидат свои на своето.

          Водени од исконската желба  за слобода, иако доволно неподготвени, слабо вооружени и војнички  далеку  послаби од  многу побројниот непријател македонските комити и револуционери, по невидени борби со надмоќниот аскер се изборија за прва слободна Република на Балканот, Крушевската Република.

          Иако таа траеше само 12 дена, сепак остави големи и неизбришливи траги, не само кај Македонскиот  народ и другите народи и народности кои живеаја на овие простори, туку и во  Европа и светот, бидејќи веста за создавањето на Крушевската Република проструи како молња во светските простори.

          Слободарската идеја и Крушевската Република беа крваво задушени од страна на Турскиот аскер.

          Крушево скапо ја плати цената на Крушевската Република и беше претворено буквално во прав и пепел, а на Мечкин Камен, своите животи ги положија најдобрите и најхрабрите синови на Македонија, кои не сакаа да остапат пред бројниот непријател.

          Од  2 август 1903 година и многу години пред тоа, кај  Македонецот постојано тлеела желбата за своја самостојна, независна и автономна држава.

          По Илинден 903 се случи и вториот Илинден 1944 година, кога на Прохор Пчински, беа удрени темелите на Република Македонија.

          И во Вториот Илинден, Македонија многу скапо ја плати цената за ослободување од фашистичкиот окупатор.

          Многу млади борци  ги вградија своите животи во темелите на Асномска Македонија.

          Кога на 8 септмеври 1991 година, Македонскиот народ, заедно со сите останати народи, кои живеат во Република Македонија, плебистицарно , на Референдумот се изјаснија за самостојна, суверена и независна држава, Република Македонија, државата конечно доби тапија на своите вековни стремежи.

          Но изгледа судбина му било на Македонецот постојано да се докажува кој бил и кој е.

          Цели 28 години, по распаѓањето на Југославија, Македонија на светот му докажува(ше) дека има право на своја суверена самостојна и независна држава, Република Македонија, за која гласаа над 97 отсто од граѓаните.

          Но таквата определба му беше трн в око на јужните соседи кои над 25 години  ги кочеа евроинтегративните процеси  на Македонија и бараа државата да го промени своето вековно име.

          Годинашниот Илинден за прв пат во историјата Македонија ќе го слави  со новото име, Република Северна Македонија, кое сеуште предизвикува мачнини во стомакот кај најголемиот број Македонци.

          И кога се мислеше дека со смената на името и прифаќањето на име со географска  одредница конечно Македонија ги острани сите пречки на патот за Брисел, во последно време државата е исправена пред нови ултматуми и блокади.

          Сега, на патот кон индината нашите источни соседи,копаат во минатито и бараат препрочитување на историјата и откажување од нашата  историја и некои историски личности.

           Неодамна Бугарија, заканувајќи се со блокада на преговорите за ЕУ, побара Македонија да се откаже од својот учител и револуционер Гоце Делчев. И наместо да се причека тоад а го кажат историчарите  кои се дел од Комисијата за препрочитување на Македонската и Бугарската историја, некои наши политичари побрзаа да се откажат не само од нашата историја туку брзо -брзо, со ништо не предизвикани, го прогласија Гоце Делчев за Бугарин, што  предизвика нови мачнини кај најголемиот број Македонци.

          Таквите изјави,  искажани најверојатно под притисок на   соседните држави не само што се избрзани, туку се во најмала рака  скандалозни,  бидејќи  со нив се проблематизира и негира нашиот идентитет.

          По откажувањето од античката историја на барање од Грција,  потоа дел од  средновековната историја, деновиве на ред дојде и проблематизрањето на  потеклото и припадноста на македонските дејци и Илинденското востание.

          Што е многу многу е.

          Точно е тоа дека на овој народ му треба иднина. Но мудрите рекле дека нема иднина без минато.

          Народ кој не држи до корените и минатото нема ни светла иднина.

          Колку и да ни било мрачно нас минатото, сепак никој нема право во интерес на иднината да ни копа во минатото и не само да ни ја ревидира, туку и да ни ја присвојува историјата.

          Ние не сме држава без корени. Добро знаеме кој сме биле и кој сме.

          Но во интерес на добрососедството прифативме историчарите  и научниците да ја преопрочитаат нашата и нивната историја.

          Но  тоа немаат право да го прават политичарите, кои водени од своите партиско политички далтонистички погледи и партиски инетереси прифаќаат се само да им се додворат на западните ментори и соседите за да останат на власт.

          Историјата не е и не може да биде партиско прашање. Неа ја испишувале и испишуваат народите и граѓаните на оваа држава.

          Таа кога станува збор за нас е испишана со многу крв.

          Затоа пред најновиот  Илинден  би им порачал на сите политичари оставете ја историјата на историчарите, иако и тие барем на овие простори истата ја пишувале и читале од своите погледи и ставови,а не од историските факти и документи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*