При вонредните контроли, податоците од станбените сервиси, покажаа дека од 590 згради: згради со хидрантска мрежа се вкупно 347, од кои 22 поседуваат и ПП апарати, а згради без хидрантска мрежа се вкупно 243 и истите не поседуваат ниту ПП апарати, информираше на вчерашната седница на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски.
„Затоа, на седницата за ребаланс на Буџетот ќе предложам точка на Дневен ред со која ќе предвидиме субвенционирање на дел од средствата за хидрантската мрежа во зградите. На овој начин, сакам да им помогнеме на граѓаните во побрзо решавање на овој проблем и зголемување на нивната безбедност. Исто така, сакам да известам дека нашите служби се постојано на терен и вршат контрола за состојбата на сите објекти под надлежност на локалната самоуправа. Контролите спроведени во училиштата и детските градинки, покажуваат дека овие институции функционираат како безбедни средини. Истите се опремени со противпожарни апарати, како и обучени вработени, додека хидрантски мрежи, има секаде каде што може истите да се инсталираат-посочи Коњановски и притоа додаде дека за исправноста на ПП апаратите или хидрантската мрежа надлежни се лиценцирани фирми кои ги одржуваат, а секаде каде што ќе се појави потреба од дополнување на опремата, истото ќе биде направено по изготвувањето на финалните извештаи во координација со сите надлежни институции, најдоцна до средината на овој месец, за што ќе бидат изготвени и детални извештаи, кои ќе бидат доставени и како одговор на доставените барања за пристап до информации од јавен карактер и јавно објавени на веб страницата.
„Исто така, детално ќе бидат објавени и информациите за контролите на угостителските објекти, за што замолувам за трпение, за да може службите успешно да си ја завршат работата-информираше првиот човек на локалната самоуправа, градоначалникот Тони Коњановски.
