Don't Miss
Home / Вести / Пендаровски го потпиша Указот на законот што го врати државното рекламирање во медиумите

Пендаровски го потпиша Указот на законот што го врати државното рекламирање во медиумите

        

На големо задоволство на медиумите и новинарите, особено од внатрешноста на државата претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со овој Закон се овозможува повторно воведување на државно рекламирање во приватните медиуми, откако во 2017 година оваа практика беше укината на иницијатива на СДСМ.

 Законот предвидува постапка во која централна улога има комисија која е составена од претставници на политичките партии и од власта и од опозицијата, на паритетна основа. Исто така, во Законот се прецизирани критериумите според кои можат да конкурираат радиодифузерите, а јасно е дефинирана и постапката за избор на радиодифузери на кои ќе се прикажуваат кампањи на државно или на локално ниво. Тоа значи дека, за разлика од порано кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ своеволно одлучуваше кому колку пари ќе даде, сега е прецизно регулирано како и колку средства ќе добиваат медиумите за кампањи на државно или на локално ниво – се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Оттаму велат дека во законот е јасно дефинирано што е државна кампања од јавен интерес на државно или на локално ниво. Истовремено, измените на законот го лимитираат буџетот, односно висината на средства кои од државниот буџет ќе можат да се потрошат за кампањи.

 Потенцираме дека измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Собранието беа донесени без поднесени амандмани од опозицијата, што значи дека опозицијата нема забелешки за неговата содржина – додаваат од Кабинетот на Пендаровски.

Измените на законот беа изгласани со поддршка од 78 пратеници во Собранието.

– Во изминатите денови претседателот Пендаровски оствари комуникација со сите засегнати страни, односно со тие што беа и за и против Законот. Во оваа насока, претседателот Пендаровски очекува дека во најскоро време ќе продолжи дијалогот меѓу релевантните институции и Здружението за заштита и унапредување на интернет медиумите со цел унапредување на положбата на онлајн медиумите во медиумската сфера, имајќи предвид дека во порталите работат голем дел од новинарите – се додава во соопштението.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*