Home / Вести / Старите урбанистички планови ги попречуваат новите проекти во Општина Битола

Старите урбанистички планови ги попречуваат новите проекти во Општина Битола

Битола е град со најстар генерален урбанистички план, донесен во 1999 година, кој во меѓувреме претрпел осум измени, но, сè уште не е донесен нов ГУП.

Градот под Пелистер има детални урбанистички планови што се на сила од седумдесеттите години, велат експертите.

Тие го поставуваат прашањето како да се планира развој на градот со предвидени проекции од пред 30 години, во сегашните услови што се целосно сменети?

-Нов генерален урбанистички план на Битола и е потребен бидејќи постоечкиот ГУП одамна го надминал својот плански период, што е случај со многу детални планови по кои се работи во градот. На Битола и е потребно здраво и спроведливо урбанистичко планирање кое ќе ги рефлектира современите проекции на градот, ќе го штити јавниот интерес, без да го наруши приватниот и ќе го сочува културниот идентитет на градот-вели д-р Анастасија Трајковска национален урбан експерт.

Таа додава дека секој ГУП согласно закон има временски период на важност од десет години и тоа се нарекува плански период.

-Тој плански период на Битолскиот генерален урбанистички план е надминат повеќе од една деценија. Сега ние имаме нова проекција на Битола, поинаков е бројот на жители, поинаква е демографската структура, поинакви се стопанските, економските и културните тенденции и оттука задолжително е урбанизмот да го следи развојот на градот. Тоа што не беа реализирани сите плански одредби од овој ГУП не значи дека треба да се работи по застарени плански проекции и деталните урбанистички планови што го следат претходниот ГУП исто така се доста стари. Имаме детални планови што се на сила од седумдесеттите години. Навистина во голем дел променети се проекциите во Битола и оттука мора да се направи спроведливо урбанистичко планирање-посочува Трајковска и притоа додава дека урбанистичкото планирање е долготраен процес и тоа и кај која и да било политичка гарнитура не носи брзи политички поени и затоа секогаш и урбанистичкото планирање на градот се одолговлекувало.

Инаку, преку проектот Баир-Здружена акција на Битола за вклучување на Роми, финансиран од ЕУ, реализиран од ЦОСВ, Преда Плус фондацијата и Општината Битола всушност и се иницираше отпочнување на новиот генерален урбанистички план за Битола.

Завршени се 12 студии што се потребни за изработка на генералниот урбанистички план, меѓу кои и многу важната студија за домување, отпочната е изработката на три детални урбанистички планови во населбата Баир.

-Деталните урбанистички планови во населбата Баир не ќе можеше да бидат отпочнати и ќе беше беспредметно да се изработуваат врз база на стариот генерален урбанистички план-вели д-р Анастасија Трајковска национален урбан експерт.

Неодамна, беа презентирани десетина влезни студии, изработени од Архитектонскиот факултет од Скопје за добивање на влезна документација за Генералниот урбанистички план на Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски на презентацијата рече дека Општината Битола продолжува со реализација на задачите, активностите и процедурите кои се поврзани, со изработката на ГУП на Битола.

-Станува збор за мошне важен документ од витално и стратешко значење за Битола. Самиот факт што Генералниот урбанистички план на Битола, датира од 1999 година и соодвествувал на тогашните потреби на градот, говори дека неопходно е успешно завршување на овој процес, во кој ќе бидат согледани сите важни аспекти за градот кои ќе одговараат на современите потреби, но, ќе бидат во согласност со законската регулатива и ќе се засноваат на добро обработени податоци-рече битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека градот Битола е со најстар генерален урбанистички план во државата.

Во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) освен Битола, предмет на анализа беа и општините: Кичево, Куманово, Неготино, Тетово, Струмица, Чаир и Штип.

Нови генерални урбанистички планови имаат само општините Неготино и Штип.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*