Home / Вести / Петар Георгиев Калица засади дрво на животот

Петар Георгиев Калица засади дрво на животот

                       

            Годинашниот добитник на наградата за животно дело 4  Ноември,  авторот на песната и композитор “Ако одам во Битола “ Петар Георгиев-Калица денеска во Градскиот парк во Битола, во присуство на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска,  во алејата на добитниците на наградата за животно дело на Општина Битола засади дрво на животот.

-За мене  наградата за животно дело  значи потврда за се она што го работев во животот, за Битола, за чаршијата, за Широк сокак, за битолчани. Се заблагодарувам до своите граѓани и општина Битола за наградата и упатувам  порака до младите ,она што го работат да го работат со љубов,изјави Петар Георгиев Калица.

            Петар Георгиев- Калица, кој  за време на врачувањето на четврто ноемвриските награди беше во домашна изолација  откри дека ситуацијата  со пандемијата го  поттикнале да напише нови  песни,  поврзани со  коронавирусот и Битола.

Новите песни љубителите на музиката во Битола и пошироко ќе можат да ги слушнат откако ќе  помине пандемијата  и кога ќе бидат можни седенки по кафаните, вели Калица.

– Годинава ми беше мене редот како добитник овогодишната ,,4 Ноемвриска” награда да посадам дрвце. Благодарност до Општина Битола што воспостави една ваква убава традиција и се надевам дека од  година во година ќе се надоградува и ќе биде потсетник за сите нас дека секој треба да даде придонес во изградбата на европска Битола”, изјави  Калица.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска посочи дека оваа награда е своевидна потврда за се што годинешниот добитник работел, творел и создавал за сопствениот град.

-Трета година со ред засадуваме дрвце по повод 4 Ноемвриската награда за животно дело. Во оваа прилика му честитам на добитникот Калица кој со целокупното свое работење во изминатиот период остави неизбришлив траг во нашиот град. Убава традиција започнавме која сигурно ќе се негува и во иднина зашто на ваков начин оставаме траен белег и порака до идните генерации дека вредностите што се создаваат треба да се почитуваат, истакна Петровска. 

За одржувањето на ова катче во градот се грижи ЈП „Комуналец“.

-Задоволни сме од позитивното однесување на граѓаните, бидејќи не ни ги уништија садниците оваа година. Беа таблите оштетени, но ние ги заменивме. Колку што се упорни оние кои оштетуваат ние ќе бидеме упорни да ги надополнуваме. Имаме идеја која ја разработуваме,овој простор дополнително да го оплемениме. Бараме и совети од стручни лица, архитекти, овај простор да добие лик каков што заслужува”, рече Панде Богоевски, директор на ЈП ,,Комуналец”. 

Инаку досега, во Алејата на добитниците на наградата за животно дело на Општина Битола, се наоѓаат засадените дрвца на Виолета Томовска, добитник на наградата за животно дело во 2018 година, на Благој Стефановски, добитник во 2019 година и годинешното, на Петар Георгиев-Калица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*