Home / Колумни / Политички далтонизам

Политички далтонизам

                            

          Иако (пред)изборната кампања за новите предвремени парламентарни избори сеуште не е почната, сепак политичките партии веќе на големо се во “кампања”  и се  растрчаа во државата со намера да ги (раз)убедат граѓаните да им го дадат нивниот глас и да им укажат доверба на изборите.

           Деновиве сме сведоци како голем  број државни, или локални политичари,  се крстат пред  битолчани и не избирата начини да ја докажат  нивната неизмерна љубов кон Битола.

          Сите тие, без исклучок и од која било политичка партија да доаѓаат,  со одбрани зборови и нескриени емоции  настојуваат да ги убедат граѓаните  на Битола дека доколку ја добијат нивната доверба ќе направат се Битола да биде  европски  град, со кој ќе се горедат битолчани.

          Во изливот на емоции дел од нив постојано глаголат дека доколку тие дојдат  или  сегашните останат на  власт ќе им го врателе стариот сјај на конзулска  Битола.

          Во изминатите 30 години, откако Македонија ужива во својата плурална  парламентарна демократија сум се изнаслушал се и сешто.

          Таквите глаголења на политичарите во голема мера воопшто не ме допираат , зашто јас лично повеќе претпочитам градот и граѓаните да се сакаат со дела, а не само со празни  политички говори и пароли.

          Но тоа што ми пречи е што сите овие три децении на политичарите како да им стана навика, едно да мислат, друго да говорат, а сосема трето да работат.

          Не е тајна дека најголемиот број битолчани  си го сакаат својот град. Некои повеќе некои помалку.

          Најголемиот број од нив без разлика каква  е тие си ја сакаат Битола.

          Затоа не е во ред за  својата љубов кон градот политичарите  да се обидуваат да ги (раз)убедуваат другите, па дури и тие битолчани кои од овие или оние прични ја напуштиле Битола.       Потребно е прво тие самите себе да се убедат дали го сакаат и колку го сакаат овој град.

          Зошто го велам ова.

          Љубовта кон градот не се искажува само кога  ги молиш граѓаните со нивниот глас да те доведат на власт, и само кога си власт.

          Таа треба да  се искажува постојано,без разлика дали си, или не си, власт.

          Деновиве повторно, на денот на ослободувањето на градот, 4 Ноември на Битола и се случи бојкот од “љубов”.

          Опозицијата од само ним разбирливи причини ја бојкотираше свечената академија по повод ослободувањето на градот и.

          Иако најголемиот број од присутните      не го забележаа отстсувото на опозицијата на свеченоста, сепак  беше видливо дека столчињата означени  за опозиционите преставници останаа празни, па истите мораа да ги пополнуваат луѓето од власта.

          Зошто и поради кои причини опозицијата се одлучи да ја бојкотира свеченоста останува тие да објаснат.

          Но лично мислам дека е недозволиво на  4 Ноември да се бојкотира свеченоста.

          Битола ни припаѓа на сите нам, не само на власта, ниту пак само на опозицијата.

          Затоа  е потребно барем на тој ден сите кои себеси се сметаат за политичари  и кои го имаат или бараат гласот на битолчани да ги надминат своите партиски суети и да присуствуваат на прославата, па макар ништо од тоа што ќе им се презентира  на свеченоста да не им се допаѓа.

          Не може на тој ден да се тера инает, или да се собираат политички поени.

          Само со присуството, а не со отсуството, на тие свечени момент битолските политичари ќе ја покажат  и демонстрираат својата љубов и пиетет кон градот, па зошто не и кон наградените, кои со своите дела и резултати се афирмирале себеси, но ја афирмирале и Битола.

          Со своето присуство, тие ќе ја искажат и својата почит кон борците на Седмата ударна бригада,  кои на 4 Ноември 1944 година ја ослободија Битола.

          Тогаш на 4 Ноември 1944 никој не прашуваше или пак кажуваше кој е и каква политичка или партиска  идеалогија има.

Идеалогијата на сите ним, тогаш  им беше  да ја ослободат Битола, по цена слободата да ја платат со својот живот.

          Мислам дека е крајно време да се престане со политичкиот далтонизам,  дека во политичката борба за власт по секоја цена треба да се почитуваат само  партиските директиви, или да се спроведува партиската идеалогија.

          Овие  реченици не се наменети само за опозицијата и нивниот бојкот на 4 Ноември.          Овие зборви се упатени и на власта, која треба да (на)прави повеќе напори да ја убеди опозицијата дека свеченоста не е само нивна, туку е на сите и за сите.

          Во политичката борба партиите имаат доволно време постојано да се натпреваруваат и надмудруваат за да дојдат на власт.

          Но  4 Ноември, не  е ден за политичка пресметка и себе докажување. Тој ден им припаѓа на сите, без разлика од која политичка партија се или  не се.

          На тој ден треба да се надминат политичките суети и на свеченоста еден покрај друг да седат и преставниците на власта и преставниците на опозицијата.

          Само на тој начин тие ќе ја докажат и покажат љубовта кон својот град и кон градот за кој во (пред)изборната кампања  тврдат дека толку многу го сакаат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!