Home / Колумни / Прашања кои заслужуваат одговор(и)

Прашања кои заслужуваат одговор(и)

По речиси 27 години безуспешни преговори и договори околу спорот со Грција за промена на името Македонија, деновиве во  селото Нивице, Преспа, лидерите на владеачките партии и актуелните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас се договорија Македонија да го смени своето име во Република Северна Македонија.

Иако се очекуваше дека промената на името ќе го смени мислењето на еврпските лидери и Македонија ќе добие безусловен датум за почеток на преговорите, сепак “нашата држава “ во Брисел  доби само условен датум, преговорите за влез во ЕУ да ги почне во јуни идната 2019 година.

Откако власта прифати да го смени името во Северна Република Македонија, кај нас без никаква согласност на Брисел, уште истиот момент се смени климата во државата и деновиве, откако паднаа температурите на воздухот, Македонија  ги има  сите атрибути на  земја од северниот пол.

Смената на името  кај нас зависи  од волјата на власта, а смената на времето зависи исклучиво од природата и севишниот.

Но шегата настрана.

Иако благодарение на бројните електронски и печатени медиуми како и социјалните мрежи има(в)ме можност до детали да се запознаеме со одлуките кои беа  донесени во Брисел, сепак во зависност од тоа кој политичар која страна застапува, нашите политичари се обидоа   така да ни ја продадат одлуката.

Додека за владеачкото мнозинство одлуката од Брисел е историска и по цели 27 години на Македонија и е отворен патот за ЕУ, од страна на опозицијата се тврди дека Македонија уште еднаш е изиграна од страна ЕУ.

Таквото нивно изјаснување ме потсетува како вицот со оптимистот и песимистот како ја гледаат чашата со вода, полупразна или полуполна.

Но  со давањето условен датум за почеток на преговорите за ЕУ намерно или не се заборава дека иако овој пат Македонија не беше попречувана, или условувана  од страна на Грција,       за своите евроинтеграции, сепак Македонија до крај не може да биде задоволна со постигнатото во Брисел, зашто сега против безусловното почнување на преговорите за ЕУ застанаа Франција, Холандија и Данска, кои своето несогласување со препораката го објаснија со тоа што во изминатиот период Македонија многу малку, или ништо не направила на планот на реформите во јавната администрација, борбата против корупцијата и криминалот и реформате  во разузнавачките служби.

Покрај решавањето на спорот со името, кој е  на самиот почеток и реформите  во трите погоре спомнати области сега се   услов за почеток  на преговорите.

Но тие старо – нови услови намерно се изоставаат и тргаат настрана, а фокусот на јавонста се насочува исклучиво кон наводниот решен спор со Грција околу името.

Франција, Холандија и Данска отворено се спротиставија на добивањето  безусловен датум за почеток на преговорите, бидејќи сметаат дека Македонија ништо не направи во овие три области.

Иако таквата нивна одлука  е неочекувана, сепак тоа  е уште едно предупредување до власта дека не е само смената на името услов за влез во ЕУ. Напротив насочувајќи ја својата енергија кон (не)решавањето само на овој спор, власта како да заборави на реформите во овие три области, кои им беа ветени не само на домашната, туку и на меѓунардоната јавност.

Кога станува збор за јавната администрација таму состојбите се (нај)катастрофални. Криејќи се наводно зад некои законски прописи донесени пред изборите, во јавната администрација не е направено речиси ништо за нејзино реформирање. Напротив во администрацијата сеуште раководат старите кадри на ВМРО ДПМНЕ, кои беа дел од режимот на Груевски и кои се највиновни за тоа што ни се случуваше сите изминати 11 години.

Иако секојдневно на распити се повикуваат бројни функционери од претходната власт, сепак  многу малку, или воопшто ништо  не  е направено ни во реформите  во правосудството, каде  власта најави целосен ремонт.

А и СЈО кое најавуваше  расчистување со  криминалот и судски пресуди само по 18 месеци од нивното формирање, сеуште нема речиси ништо направено во борбата  против тие за кои сегашната власт, а пред тоа опозиција тврдеше дека има извлечено од државата над 5 милјарди евра.

Напротив наместо виновниците за  грабежот да бидат зад решетки  и таму да ги очекуваат судските рочишта и пресудите, тие се корзираат до судовите и обвинителството, најдувајќи секакви можни начини и средства да ги одложат рочиштата.

А да не зборуваме за лицата кои иако претходно “шуруваа “ со власта сега се легитимираат како големи поддржувачи на Заев се со цел да го избегнат соочувањето со правдата.

Засега многу малку, или речиси ништо не е направено и на планот на реформите во безбедносните служби.

На крајот иако засега е потпишан договорот за смена на името во Република Северна Македонија власта намерно или не, заборава дека до конечното решавање на  проблемот со името  ќе протечат уште многу води и дека без договор со опозицијата и народот  Македонија не може да го смени името.

За разлика од порано кога на некои референдуми  некои прашања не заслужуваа одговор, овој пат  сите прашања кои ни ги испорачаа Франција, Холандија и Данска  заслужуваат одговор, а прашањето со името заслужува и те како одговор.

Ова не е партиско политички прашање, туку е прашање од чиј одговор зависи опстанокот на државата.

Преголемиот оптимизам, или самобендисаноста може да  ни се врати како боомеранг и да не однесе во погрешен пат,  од кој после нема враќање.

Наместо  политичарите да живеат во својот занес, или гнев поради постигнатиот договор тие треба да ги надминат своите суети и да седнат и отворено да разговараат за судбината на државата.

Во спротивно и покрај смената на името, Македонија и натаму ќе остане надвор од европското семејство во Балканската крчма.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*