Home / Колумни / Претседател за сите

Претседател за сите

                           

           В недела, на 21 април  точно 1.808.131 гласач, колку што се запишани во Избирачкиот список,  по прв пат од  својата  28 годишна независност и сувереност ќе  бираат претседател на Република Северна Македнија.

          За прв пат во својата историја народот на Македонија ќе има можност да го одбери петтиот претседател на државата.

          Токму затоа овие претседателски избори се по многу нешта значајни, а јас би рекол дури и историски.

          Но и покрај тоа што овие претседателски избори се историски, барем по тоа што имавме можност да го слушнеме во (пред)изборната кампања никој од кандидати не упатија некои историски пораки кои би ги повлекле во својот петгодишен мандат.

           Иако тројцата кандидати за претседател на државата покрај партиската поддршка што ја добија при нивната номинација за кандидати за претседател, се обидоа и со собирање на потписи да покажат дека  тие се (и)граѓански кандидати, сепак за време на изборната кампања тие не се ослободија од партиските пораки кои ги испраќаа до гласачите нивните политички ментори, лидерите на партиите кои ги предложија и поддржаа.

          Како и лидерите на партиите, така и кандидатите за претседател на државата ги глаголеа истите пораки, истите ветувања.

          Додека кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски на секој начин се обидуваше да ја (раз)убеди јавноста дека доколку Република Северна Македонија сака да стигне до Брисел ќе мора да продолжи по  патот кој го трасира Зоран Заев, кандидатката на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова, која себеси сакаше да се промовира како натпартиски кандидат “правнички” се обидуваше да ги убеди гласачите дека време е во Македонија да завладее правото и правдата.

          Се добива(ше) впечаток како таа да се кандидира за јавен обвинител, а не претседател на државата.

          Наспроти нив третиот кандидат Блерим Река главното мото во кампањата го насочи кон тоа дека е време конечно  да биде избран Албанец за претседател на државата.

          И главно тоа се пораките кои имавме можност да ги слушнеме во изборната кампања на овие претседателски избори.

          И сега кога кандидатите за претседател на државата го кажаа тоа што имаа да го кажат, на потег се граѓаните.

          Точно 1.808.131 гласач, колку што се регистрирани во избирачиот список на 21 април,  ќе имаат можност да го кажат своето мислење за кој кандидат ќе се определат.

          За разлика од порано се чини дека овој пат изборната кампања помина во релативно мирна атомсфера, без некои притисоци, закани и условувања.

          Дали тоа е најава дека ќе имаме “Фински” избори на 21 април останува да се види.

          Иако кандидатите за претседател се уверени во нивната победа сепак и кај нив постои одредена скепса дека претседателот на државата ќе се избере на 21 април, во  првиот круг.

          Сите прогнози се дека новиот претседател на Република Северна Македонија ќе се знае по 5 мај, а има размислувања дека можно е ни тогаш да не биде избран претседателот доколку некои од партиите се одлучат на бојкот на изборите.

          Тоа што во овој момент радува е што сите кандидати и партиските лидери кои ги предложија за оваа висока  функција јавно повикуваат на масовно излегување на изборите.

       Само со масовно излегување на изборите може да се  избере претседател. Гаранцијата за исправност на изборите е само масовно излегување на гласање. Да не дозволиме на овие избори да излезат под 40 отсто, зашто во тој случај има опасност да се смени Уставот и тогаш претседател на државата да се бира во Парламентот, изјави кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова.

          Сите овие апели се добра најава пред неделните претседателски избори.

          Граѓаните на Македонија токму затоа треба со својот глас да кажат кој кандидат ќе го поддржат.

Кога станува збор за изборот на претседател него не го бираат само членовите на партиите, или нивните симаптизери.Изборот на првиот човек на државата пред се зависи од волјата на најголемиот број од граѓаните.

Граѓаните на Македонија се тие кои  го бираат својот претседател. Партиите како и во претходните избори така и овој пат се само нивна логистика.

Претседателот на државата иако нема некои значајни извршни ингиренции, сепак е (нај)значајна  фигура во државата.

Иако многумина кај нас се обидуваат да ја маргинализираат оваа функција сепак во тоа многу грешат.

 Во минатиот период има(в)ме лошо искуство со почитта на претседателот  на државата кај нас.

 Кога Киро Глигоров беше биран за претседател на државата, дури по три гласања во Парламентот, него ВМРО ДПМНЕ не го признаваше за претседател и го етикетираше како човекот од Белград кој ја имаше книшката со број 1 на СДСМ.

          Подоцна Борис Трајковски беше тертиран како   граѓанинот Борис.

          Ништо подобро не помина по изборот ни Бранко Црвенковски.

          А за Ѓорге Иванов, кој  беше претседател во два мандати се говореше дека тој беше марионетка во рацете на Груевски.

          Затоа сега е крајно време да избереме претседател кој ќе го ценат и почитуваат сите,а не само партиските членови и симпатизери.

          Време е  Република Северна Македонија да добие претседател за сите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!