Home / Вести / Се одржа Саемот на кариера

Се одржа Саемот на кариера

Младински културен центар – Битола  и Инфо клуб – Битола во Центарот за култура, денес по трети пат го организира Саемот за кариера.

Во време кога сите размислуваат како да заминат оттука, Младинскиот културен центар од Битола и Инфо клубот со поддршка од Општина Битола,  УНДП и Фонд за иновации и технолошки развој, со овој настан ги отвoраат вратите на комуникација помеѓу младите и бизнис-секторот, каде можат да се стекнат првите работни искуства, но и со можностите кои ги даваат неколку програми за финансиска поддршка, со која ако имате добра идеја за бизнис ќе станете претприемач.

Денес, пред младата публика свои инспиративни лични приказни на успех споделија Блаже Аризанов кој сонот за свој бизнис го реализираше во Индија со сега познатиот Stay Uncle проект , Јасмина Антиќ-Атанасовски од Интерворкс, кој е најголемиот вработувач на млади ИТ инженери во овој регион и Антонио Кузмановски кој ја раскажа приказната за параглајдерството од Крушево до Мадеира без ЏПС.  Интерес побудија презентациите за акцелераторите како можност да стартувате свој бизнис за кои презентираа Игор Изотов од УКИМ и Лидија Ангелкова од Преда и една локална приказна за успех на младата Николина Најдовска со нејзиниот детски забавен центар „Киндер Планет“.

Интерактивно со прашања од публика, одговори на дилеми и мотивирачки пораки, заврши првиот дел од Саемот за кариера, кој утре продолжува со промоција и јавни дискусија за мерките за вработување за кои ќе зборуваат Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот за фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

Минатата година Саемот за кариера обезбеди 30 директни вработувања на присутни лица на самиот настан, оваа година МКЦ – Битола очекува уште подобра бројка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!