Home / Македонија / Серија земјотреси го погодија Скопје

Серија земјотреси го погодија Скопје

Нова серија земјотреси го погодија главниот град вчера околу 15 часот, откако утрината беше регистриран земјотрес со помал интензитет, но доволно силен да ги вознемири граѓаните. Најсилниот земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала беше почувствуван во Скопје во 15.10 часот. Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар земјотресот бил со епицентар на пет километри од центарот на градот во регионот на Скопска Црна Гора на длабочина од десет километри.

Според сведочењата на скопјани вториот земјотрес дополнително ги вознемирил жителите, кои во паника ги напуштиле своите домови. Делови од градот беа без електрична енергија, како и без телефонија и Интернет. Земјотресот предизвикал и пукнатини по зградите, уништен е еден автомобил поради паднат оџак, скршени се предмети по домовите, а граѓаните вчера почнале да пријавуваат штети од земјотресот. Земјотресот е почувствуван низ цела Македонија, како и во Косово и во Србија.

Претходно, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет соопшти дека два од серијата земјотреси чии епицентри се наоѓаа во скопското епицентрално подрачје, се почувствувани во градот и во околината. Првиот се случил во 6 часот и 58 минути со јачина од 3,9 степени по Рихтер, а вториот земјотрес во 6 часот и 59 минути со јачина од 2,8 степени по Рихтер.

Епицентарот на земјотресот бил во регионот на Скопска Црна Гора на длабочина од 2 до 3 километри во атарот на селото Црешово, на 7 километри од центарот на Скопје.
Сеизмолозите истакнаа дека ваков земјотрес не би требало да направи некоја штета доколку градбите се изведени според прописите.

Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, вчера на неколку македонски медиум го додаде своето мислење дека овој земјотрес не го поврзува со поплавите, истакнувајќи дека поплавите од 6 август баш во таа област околу Скопска Црна Гора се само коинциденција со раздвижувањето на тектонските плочи, но не предизвикуваат земјотреси.

– Иако можеби случувањата ме демантираат, во светот не постои ниту еден научен труд што ќе ги поврзе поплавите со земјотрес. Земјотресите се случуваат поради придвижување во длабоките слоеви на земјата до кои површинската вода и не допира – изјави директорот на ИЗИИС за медиумите.
Неодамна за „Нова Македонија“ Гаревски истакна дека во светот годишно се случуваат околу 120 земјотреси со магнитуда помеѓу 6 и 7 степени што значи дека ако ги земеме предвид последните 20 години се случиле околу 2.000 вакви земјотреси.

– Скопскиот катастрофален земјотрес од 1963 година се вбројува во овие земјотреси. Ако се погледне во литературата во врска со сите овие земјотреси може да се види дека ниеден од нив не се доведува во корелација со обилни поплави. Значи со сигурност може да се каже дека врнежите и поплавите воопшто не го зголемуваат ризикот од појава на разурнувачки земјотреси. Силните земјотреси се поврзани со тектониката на плочи и ослободувањето на енергијата на активните раседи при нивното придвижување – објасни Гаревски во интервју за „Нова Македонија“.

Тој појаснува дека сеизмологијата во моментов, а можеби и никогаш, не може да го одреди точно времето на случувањето на земјотресите. Тој нагласува дека и понатаму еднакво важна е примената на правилата за сеизмичко проектирање и изведба, односно сигурната градба заради намалување на финансиските трошоци од загубите што би се јавиле како резултат на неквалитетните објекти.

Како што објаснуваат светски научни институции, обилните врнежи од дожд може да предизвикаат земјотреси, но сепак главниот двигател за оваа појава е бавениот процес на тектонските плочи. Оттаму велат дека тежината на водата сама по себе не предизвика земјотресот, туку ерозијата што следува од лизгањето на земјиштето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*