Don't Miss
Home / Економија / Силјан Мицевски распнат меѓу “лавот “ и “ружата “

Силјан Мицевски распнат меѓу “лавот “ и “ружата “

Во изминатите неколку дена битолската и македонската јавност сведоци се на остра “дебата” помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ околу најновиот тендер за ископ на јаловина во РЕК “ Битола”.

Генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев се сомнева дека АД ЕЛЕМ ги мести условите за учество на новиот тендер на РЕК “Битола” за ископ на јаловина  вреден 320 милиони денари.

По објавувањето на  тендерот, Јанушев  на прес конференција реагираше дека во земјава има само една фирма што ги исполнува условите од тендерската документација, според која, економскиот оператор треба во последните 3 години да има ископано 900.000 тони јаглен,а тоа еГП “Пелистер “ која е блиска до врвот на СДСМ!

Ако тоа е така,  според Јанушев другите компании, кои се занимаваат со оваа дејност од старт се елиминирани, а со тоа однапред се знае кој ќе го добие тендерот. Сомнежот е дека оваа тендерска постапка е однапред договорена работа.

-На површина излегоа причините поради кои беше укинат Советот за јавни набавки, кој беше гарант за законитоста и чувар на јавниот интерес при постапките за јавни набавки. Советот за јавни набавки беше трн во очите на власта, пречка за сите коруптивни шеми, и затоа беше укинат. Цената на неговото укинување сега ја плаќаат граѓаните, од чии пари се полнат сметките на фирми блиски до оваа криминална власт, изјави генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев го обвини раководствто на АД ЕЛЕМ и СДСМ дека наводно тендерот за ископ на јаловина во РЕК “ Битола “  во висина од 320 милиони денари бил наместен и направен според критериумите и можностите на  фирмата на Силјан Мицевски, ГП Пелистер ДОО Битола, која важи за блиска до врвот на СДСМ.

-Откако се фатени во флагрантно местење на 320 милионскиот тендер за сметка на ГП Пелистер ДОО Битола, власта се впушти во промена, и во веќе објавен тендер, покрај првичниот и единствен критериум, ископувачот да има ископано 900.000 тони јаглен во последните три години, услов кој го исполнува само Пелистер ДОО Битола, се внесува и алтернативен услов, за на тендерот формално правно да можат да се јават и фирми кои имаат ископано 1.000.000 м3 јаловина, услов кој може да биде исполнет од поголем број на фирми кои се занимаваат со градежни работи, вели Јанусев.

Раководството на ВМРО ДПМНЕ дури побара по допрен глас Обвинтелството да отвори предмет за овој мега скандал.

На ваквите обвинувања од страна ВМРО ДПМНЕ со реакција се јавија од АД ЕЛЕМ.

Државниот производител на струја, АД ЕЛЕМ преку соопштение ги демантираше ваквите информации. Оттаму ги оценуваат како неточни информациите што опозицијата ги изнесе на прес конференција.

-АД ЕЛЕМ смета дека условите во тендерот овозможуваат поголема можност за пријавување на што повеке економски оператори, а од друга страна, условите се и натаму доволно ригорозни да овозможат пријавување само на фирми кои имаат технички и кадровски капацитет и референци за изведување на одговорна задача, како што е ископот на јаглен во РЕК “Битола”.

За ваквите обвинувања од страна на ВМРО ДПМЕ  реагираа и од  СДСМ.

-ВМРО-ДПМНЕ партијата чиешто владеење беше одбележано со криминал, скандали, расипништво и коруптивно однесување нема никаква стратегија освен ширење на лажни вести и очајни обиди за манипулирање со јавноста. Лажна е веста за наводен наместен тендер за ископ на јаглен во РЕК “Битола”. АД ЕЛЕМ документирано ги поби лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ. Како што јавно соопштија од АД ЕЛЕМ, условите во конкретниот тендер овозможуваат поголема можност за пријавување на што повеке економски оператори, а од друга страна, условите и понатаму се доволно строги за да овозможат пријавување само на фирми кои имаат технички и кадровски капацитет за изведување на ископот на јаглен во РЕК Битола.

ВМРО-ДПМНЕ не може да разбере дека наместените тендери, корупцијата, криминалот и партизирањето на државните институции заврши со нивното заминување во опозиција. Денес, сите државни институции, сите државни и јавни претпријатија, вклучително и ЕЛЕМ и РЕК “Битола” работаат домакински, одговорно и во интерес на граѓаните, а не во интерес на мала група поединци, како што беше случај за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо да се обидува да шири лажни вести, кои немаат допир со реалноста, ВМРО-ДПМНЕ треба да се дистанцира од поразените политики на Никола Груевски и вистински да се реформира, реагираа од СДСМ.

Без намера да се вклучуваме во расправата на двете најголеми партии и да изигруваме  нечиј адвокат, едно што паѓа в очи е        манипулирањето со јавноста кога станува збор за работењето на РЕК “ Битола “ на кое сме сведоци сите изминати години и во завиност од тоа во каква улога с енаоѓаат, присвојувањтео или дистанцирањето од Силјан Мицевски.

Пред да дојди ВМРО ДПМНЕ на власт во 2006 година тој важеше за човек на СДСМ. Впрочем Силјан Мицевски беше кандидат за градоначалник на СДСМ.

Подоцна, кога ВМРО ДПМНЕ дојде на власт и кога сите очекуваа дека копањето јаловина и јаглен за ГП “Пелистер “ ќе биде минато, Силјан Мицевски стана најблизок човек на  ВМРО ДПМБЕ и Груевски.

Впрочем за тоа сведочат снимките од бомбите на Заев, во кои јасно се слушаше како генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Божиновски  и премиерот Никола Груевски “ лобираат” кај првиот човек на АД ЕЛЕМ, Влатко Чинговски да ги добие некои тендери.

Дури во една од бомбите Силјан Мицевски ги подучуваше луѓето на ВМРО ДПМНЕ како гласачи од Кравари можат да гласаат  во Битола, во корсит на ВМРО ДПМНЕ.

Само десетина месеци откако ја изгуби власта, сега за ВМРО ДПМНЕ сопственикот на ГП Пелистер, Силјан Мицевски е фирма блиска до врвот на СДСМ и дека актуелната власт на Заев го “ мести “ тендерот во негова корист.

При вакви размислувања човек не знае што да прави: дали да се смее или да плачи.

Сега за врвот на ВМРО ДПМНЕ Силјан Мицевски е близок до врвот на СДСМ.

Со оглед на тоа што луѓето на ВМРО ДПМНЕ се по се изгледа со кусо паметење во овој број ќе им ги презентираме транскриптите од прислушкуваните разговори, па белким Јанушев и останатите од врвот на партијата на ВМРО ДПМНЕ  ќе се уверат чиј човек е Силјан Мицевски и тоа што е позначајно како тогаш се “местеа “ тендерите за ископ на јаглен и јаловина.

М. Младеновски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*