Home / Култура / “Тра ла ла” ја носи музиката од светот, а музиката е јазик кој сите го разбираат

“Тра ла ла” ја носи музиката од светот, а музиката е јазик кој сите го разбираат

Млади музички таленти од седумнаесет  држави во светот настапуваат  на седумнаесетото   издание на Интернационалниот музички фестивал “Тра ла ла “ во Битола.

Со гала концерт со победнички композиции, како и со популарни гости и звезди од македонската естрада и учеството  на културно –  уметнички друштва во  големата сала на  Центарот за култура во Битола ќе бидат  доделени и наградите на годинашното издание на фестивалот “Тра ла ла”.

Покрај учесниците од  Македонија, на фестивалот настапуваат  и  солисти  од Шведска, Словенија, Србија, Романија, Португалија, Црна Гора, Молдавија, Малта, Литванија, Косово, Израел, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Белорусија.

На првата натпреварувачка вечер на фестивалот,  публиката имаше можност да слушне врвни млади изведувачи кои настапија со песни на мајчин јазик- информираше  претседателот на меѓународното жири  Санди Вовк од Словенија.

-Да се одржи еден фестивал цели 17 години е исклучително  тешко.  Затоа сакам да и честитам на Битола и на организаторите на фестивалот “Тра ла ла”  што тоа го прават толку долго време и тоа со висок квалитет и со изведувачи од многу земји. Тоа е големо достигнување. Овој фестивал во Битола ја носи музиката од сите страни на светот, а музиката е јазик кој сите го разбираат- посочи  Вовк.

Фестивалот во организација на Асоцијацијата за уметност “Алексовски”, се одвива  во три натпреварувачки дела во Народниот театар и Центарот за култура во Битола.

Учесниците настапуваа  во живо во пет возрасни категории од седум  до 25 години.

-Секоја година на фестивалот учествуваат солисти од голем број држави во светот презентирајќи ја својата култура, разменувајќи искуства и ширејќи го духот на културната соработка, со што фестивалот “Тра ла ла”  прераснува во една од најголемите манифестации од овој тип во Европа. Со заложбите на сите учесници на сцена низ сите овие години покажавме дека фестивалот и со скромна поддршка опстојува цели 17 години. Тоа за нас е голем предизвик, но и задача од која нема да отстапиме- истакна  раководителот на фестивалот Тони Алексовски, кој воедно е член во жири-комисијата на десетина фестивали ширум светот и амбасадор на детскиот мир од Светската асоцијација на фестивали и уметности  WAFA.

За време на фестивалските денови учесниците од странство ќе  се  запознаат со убавините и културата на  Охрид и Свети Наум, Пелистер, античкиот локалитет Хераклеја, Националната установа Завод и  музеј Битола и други места значајни за македонската култура и историја.

Инаку, фестивалот “Тра ла ла” е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и општина Битола.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*