Home / Uncategorized / Улична демократија пред семејните домови

Улична демократија пред семејните домови

Кога се мислеше дека битолчани како да се навикнаа на секојдневните протести и контрапротести, кои понекогаш ги има дури по два во едно деноноќие, последните неколку дена состојбите буквално како да ескалираа.

Блокирани институции, нагрдени објекти, исфарбани споменици, искршени стакла во општинската зграда, блокади во работата на Советот на општината, депримирани и разочарани граѓани… Тоа е сликата на Битола по почетокот на т.н. Шарена револуција и контрареволуција, откако специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја обелодени аферата „Транспортер“, во која се осомничени градоначалникот на Битола, Владимир Талески, и секретарот на општината Слободан Бончановски, како и неколку директори на основни и средни училишта и автобуски претпријатија. Уште истиот ден, само што заврши прес-конференцијата на Јанева, во Битола организаторите на „Протестирам“, поддржани од опозицијата, ги почнаа протестите пред општинската зграда. Оттогаш, освен за велигденските празници, протестите се одржуваат секој ден.

И кога се мислеше дека битолчани како да се навикнаа на секојдневните протести и контрапротести, кои понекогаш ги има дури по два во едно деноноќие, последните неколку дена состојбите буквално како да ескалираа. Откако претходно организаторите на протестите „договорно“ ги сменија локациите за собирање, овој пат протестантите на „Протестирам“ и на ГДОМ, протестите од Широк сокак ги преселија по тесните улици и пред домовите на градоначалникот Владимир Талески и на еден од водачите на Шарената револуција, во населбата “Недопирливи“, Илија Балтовски.

Иако демонстрациите пред станбената зграда во која живее градоначалникот Талески протестантите на „Протестирам“ ги окарактеризираа како сосема нормален и демократски начин на изразување на својот револт, кога се случија протестите пред семејната куќа на нивниот „лидер“ Илија Балтовски, инаку член и на здружението за чист воздух во Битола „За нас се работи“, таквиот чин не само што ги загрижи туку и ги исплаши битолчани.

Особено се загрижени и исплашени нивните соседи, кои ни криви ни должни мораат да стравуваат за својата безбедност и да бидат сведоци на ситуации во кои се повикува дури и на линч.

– Јас не можам да сфатам што ни се случува. Што сме ние виновни ако градоначалникот направил нешто незаконско. Па, во зградата и околината во која тој живее живеат над стотина други битолчани. Со оглед на тоа што најголемиот број од нив се млади брачни двојки што имаат мали деца, децата се принудени да гледаат мачни сцени, кои можат да предизвикаат траума кај нив. Што се тие виновни да гледаат и слушаат во ноќните часови како толпата протестанти протестираат пред неговиот дом и да ги слушаат нивните изливи на негодувања и закани. Во становите живеат и стари луѓе, кои се исплашени – велат станарите што живеат во зградата и околните станбени објекти во близината на градоначалникот Талески.

Во Битола веќе никој, па ни полицијата, не е сигурен и не знае на која локација протестантите ќе го изразат својот револт. Во таква, најблаго речено, шизофрена ситуација, која моментно владее во Битола, граѓаните со право се загрижени и исплашени.

Протестите по многу нешта потсетуваат на почетокот на протестите во 1997 година, кога во Битола се случи аферата „ТАТ“ и кога разочараните и гневни штедачи на пропаднатата штедилница својот револт за ограбените пари го искажуваа каменувајќи го домот на бившиот градоначалник на Битола, Силјан Мицевски, и семејната куќа на Соња Николовска. Битолчани особено се исплашени откако од неодамна „дисциплинираните“ протестанти на ГДОМ, протестите од пред Офицерскиот дом и Широк сокак ги преселија пред домот на Илија Балтовски.

– Тоа беше страшно. Најпрво пред куќата пристигнаа голем број полицајци, а нешто подоцна и неколку стотини луѓе. Освен што извикуваа секакви навреди, тие упатуваа и закани – велат соседите на Балтовски, кој во тој момент не бил дома, а неговите најблиски се исплашиле, бидејќи најпрво помислиле дека полицијата дошла да го уапси, а подоцна, кога ги виделе протестантите, едноставно останале стаписани.

Иако се обиде протестите пред неговиот дом да ги прикаже како „демократски“ начин на изразување на револтот на протестантите на ГДОМ, Балтовски, нагласувајќи дека, и покрај тоа што протестот во голема мера ги вознемири неговите најблиски, сепак нема да го одвратат да престане со своите активности, но притоа рече дека адресата на која ГДОМ протестира е погрешна.

– Лично мислам дека секој има право да протестира. Тој е демократски чин. Но ако намерата на ГДОМ била да посеат страв кај мене, или немир кај моите комшии и семејство, во тој случај тие се упатиле на погрешна адреса. Има милион други адреси каде што треба да протестираат. Но тие треба едно да знаат дека во Битола има слободоумни луѓе и дека никој повеќе не се плаши од нив. Она што сакам да им порачам е дека ние и натаму ќе продолжиме да протестираме таму каде што треба да се протестира, пред оние што направиле криминал – рече Илија Балтовски.

На ваквата негова изјава, од ГДОМ возвраќаат.

– За нас демократијата е аршинот. Оние на кои им одговараат демократијата и гласот на народот посегнуваат по двојни аршини. Кога тие напаѓаат тоа е демократски израз, а кога истото тоа им се случува ним, тоа е напад. Кога тие што вознемируваат ќе почувствуваат само дел од она што веќе долг период им го приредуваат на битолчани, има жалење и повикување на некоиси движења. Досегашните наши повици на мирни собири и досегашните апели од нас за почитување на светите вредности на домот и семејството не беа слушнати и не беа разбрани од нив. Тие со денови ги вознемируваат граѓаните. Сега одеднаш имаат двојни аршини – рече меѓу другото Стево Бојаџиев од ГДОМ-Битола.
Ситуацијата со протестите пред домот на еден од водачите на „Протестирам“, Илија Балтовски, како што е вообичаено, политичките партии експресно ја искористија да ја политизираат.

Додека за опозицијата е недозволено да се протестира пред домот на членовите на невладиниот сектор, за нив е сосема нормално и „демократски“ да се протестира пред домот на градоначалникот Талески и тој со разни „герила-акции“ на членовите на невладиниот сектор да биде буквално во чекор следен во Битола.

Затоа битолчани што не припаѓаат на ниту една политичка опција апелираат да не се протестира пред ничиј дом, бидејќи ниту семејствата на тие против кои се протестира, ниту пак соседите, или жителите од околните згради, или семејни куќи се виновни да бидат сведоци на немили настани.

– Домот на секој граѓанин во Битола е свето нешто. Затоа организаторите на протестите треба веднаш, без разлика за кои се работи, да престанат со организирање протести пред домовите на кој било – велат најголемиот број битолчани, кои апелираат што побрзо да се надмине оваа ситуација, која од неодамна владее во Битола.

 

 

Пишува М.Младеновски

Фото С.Ристевски

 

Текстот е објавен во дневниот весник Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*