На свечената академија по повод 80 годишниот јубилеј од ослободувањето на Радовиш, синоќа проф. д-р Ванчо Чифлиганец го доби највисокото признание, 6-то ноемвриската плакета за животно дело.
Во образложението на одлуката на Општина Радовиш стои дека името на Ванчо Чифлиганец го красат многу титули, професор, доктор, филантроп, дека неговата биографија е долга и богата. Дека е човек кому сè му оди од рака во професионалниот и приватниот живот, но и дека тој никогаш не го заборава родниот крај и своето огниште, од каде одамна излегол, носејќи го својот Радовиш во срцето, поддржувајќи го во неговите „шампионски“ потфати.
Признанието за животно дело, на Чифлиганец му е доделено за неговиот значаен придонес во унапредувањето на економијата, стандардот, спортот и социјалниот живот во Радовиш, во времето на директорувањето со некогашниот рудник „Бучим“, во неговата златна деценија, кога работниците меѓу другото, добивале 13-та плата.
За развојот на регионот на Радовиш, Чифлиганец доста помогнал и како активен пратеник во два мандати во Собранието на Македонија. За неговиот придонес како спортски работник , кому спортот му е во душата, а борењето пасија, говорат европската и светската шампионска титула на Борачкиот клуб „Бучим Јака“, ненадминат спортски успех досега во Македонија.
Комисијата за доделување на 6-то ноемвриските признанија, го потенцира и деловниот успех на Чифлиганец со неговата градежна компанија Адора инженеринг, која 22 години континуирано се развива и унапредува, ширејќи го бизнисот во повеќе економски сфери и географски подрачја, прераснувајќи во потврдено успешен, препознатлив бренд Адора Бизнис Групација, со интернационално реноме.
Проф. д-р Ванчо Чифлиганец, кој во очите на радовишани е човек, што и натаму неуморно создава, работи и има визии кои секогаш се остваруваат, по врачувањето на наградата за животно дело се заблагодари за укажаната чест со признанието, како и за радоста, љубовта и инспирацијата што му ги даваат неговите радовишани. Чифлиганец, еден од најуспешните Македонци родум од Радовиш, кој изминатите 40-тина години има реализирано голем број хумани и општествено одговорни проекти за поддршка на радовишани, заедницата и општеството, продолжува и натаму со својата економска и филантропска мисија.