Home / Колумни / Вековни казни за дневни политики

Вековни казни за дневни политики


            Деновиве судијката Добрила Кацарска им ги изрече првостепените  пресуди на дел од обвинетите во случајот “27 април” и упадот во Собранието, при изборот на Талат Џафери за претседател на Парламентот.

          Судијката Кацарска сите  16 обвинети, од вкупно 33, кои не беа опфатени со Законот за амнестија  ги осуди на затворска казна од вкупно 211 години.

           Ваквите затворски казни, кои им ги одреди Кацарска наидоа на различни реакции во јавноста.

          Додека опозицијата смета дека казните се престроги и преставуват брутална пресметка со опозицијата и членовите на ВМРО ДПМНЕ кои влегоа во Собранието, власта смета дека пресудите немаат никаква поврзаност со политиката, туку  дека тоа се пресуди на независното  македонско судство, кое наводно се ослободи од притисоците и почна да суди според словото на Законот.

-Случајот “27-ми април”, е политички монтиран процес, против сите неистомисленици на Зоран Заев. Според изреченото во пресудата нема ниту еден аргумент и доказ за делото за кое се товарат сега осудените. Македонија е единствената држава во Европа во која во 21 век во затворите има политички затвореници, луѓе кои имаат различни политички ставови со Зоран Заев, се вели во  реакцијата на  ВМРО ДПМНЕ.

          -По селективната амнестија и инструментализиранато менување на Кривичниот Законик денешните пресуди делуваат вознемирувачки, реагираше кандидатката за претседател(ка) од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска- Давкова.

-Во низата темни датуми во поновата македонска историја, 27 април ќе остане запаметен по сцените на насилство. Сите бевме шокирани и загрижени. Денешните пресуди за лицата поврзани со овие настани се само финалето на еден долг процес, кој покажа дека и судството, правото и правдата се политизирани. Наместо правно и правично втемелен процес, видовме процес кој остави темни дамки на правосудството, сцени на несоодветно постапување со обвинетите, притвори како казни, пазарење заради обезбедување мнозинство во Собранието.

Општеството останува соочено со горчливото чувство на длабока недоверба во судството и со селективна правда. Човекот кој ја отвори вратата на Собранието, забележан и од камерите, шета како слободен човек, изјави кандидатката за претседател(ка)на Македонија, Гордана Силјановска, во својот коментар за изречените  пресуди.

И така додека едни ги оправдуваат изречените затворски казни, други сметаат дека тие се чисто политички.

Кога станува збор за Македонија тоа не е ништо ново, или непознато  кај нас.       

Кај нас од како паметам пресудите на судовите, освем за обичнте смртници,  секогаш биле коментирани низ призмата на полотичката припадност.

Иако судиите велат дека нивните судски пресуди не можат и не смета  да се коментираат и дека за судските пресуди можат да се изјаснуваат само повисоките надлежни судски инстанци, сепак во оваа прилика морам да нагласам дека судскиот процес за настаните од “27 април” цело време го следат контраверзи, кои не само што ја збунуваа(т), туку и ја иритираа(т) јавноста.        

          А причина повеќе за таквите сомнежи е што дел од вкупно 33 обвинети  за крвавите настани на 27 април, се спасија од затворски казни само заради тоа што побараа амнестија, или што  беа пратеници, кои со својот глас се ставија на услуга на владечакто мнозинство при усвојувањето на уставните амандмани за Преспанскиот договор.

          Како инаку да се толкува тоа што тие обвинети пратеници, кои ширум му ги отворија вратите на гневните  протестанти и беа всушност најголеми  виновници за крвавиот “27 април”, денеска се шетаат слободно во државата, а некои обвинети, кои немаа никаква политичка моќ, туку само слепо и покорно ги слушаа политичко- партиските наредби,  кои доаѓаа од  седиштето на “ Белата куќа” ќе мора со децении да лежат во македонските казамати.

          Амнестијата токму на тие “обвинети” пратеници дава сомнеж дека овој судски процес за настаните од 27 април е обоен со политичка боја.

          Ќе беше многу подобро доколку не само тие, туку и нарачателите и организаторите на крвавите настани во Парламентот се соочеа со лицето на правдата.

          На тој начин граѓаните на Македонија ќе можеа да ја слушнат целата приказна за тоа што се случуваше не само на 27 април во Парламентот, туку и за сите претходни протести на  “загрижените патриоти “за судбината на државата.

          Доколку  сите организатори на протестите се или амнестирани или ослободени од обвинение, тогаш се поставува прашањето како можат да бидат виновни само тие кои  по нивните емотивни  пламени  патриотски говори без многу да размислуваат влегоа во Парламентот да ја “бранат” државата.

          Граѓаните на Македонија имаат право да го знаат целото сценарио за тоа што се случуваше не само во Парламентот на 27 април, туку и пред парламентот сите денови додека се потпалуваше народот.

           Дел од тоа што се случуваше во Собранието јавноста можеше да го види во директниот пренос на ТВ станиците и тоа беше најблаго речено страшно.

          Но многу активности кои му претходеа на влегувањето  на народот во парламентот останаа непознати.

          Иако заврши судскиот процес засега без одговор останаа и прашањата кои беа вистинските организатори на протестите на  27 април и која е нивната вина и кој ги финансираше протестите цел тој период.

          Без одговор на овие прашања на овој случај  и покрај две- вековната затворска казна за 16 обвинети, нема да биде ставена ад акта.

          Тој ќе остане да  го следи правосудниот и политичкиот систем во Македонија цел нареден период, а најголемиот број  граѓани повторно ќе  почнат да се прашуваат до кога во оваа држава нема да има правда и мир.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*