Со свеченото отворање на Спомен-куќата на Гоце Делчев, некогаш сопственост на битолското семејство Ракиџиеви, вечерва во Битола беа одбележани 122 години од смртта на Гоце Делчев,великан на Македонското ослободително движење.


Битолскиот Завод и музеј целосно ја реновираше Спомен куќата на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а на вечерашното свечено отворање, директорот на Музејот Зоран Николовски рече дека успеале целосно да го реновираат како ентериерот така и екстериерот.

„Куќата, Музеј посветен на Гоце Делчев од денеска повторно е отворена за јавноста. Во куќата секој посетител која може да погледне оригинални документи и артефакти. Внатрешноста на куќата е целосно реновирана со нов лик на музејската поставка. Станува збор за три простории во кои се изложени документи, текстови и изјави од периодот пред востанието, а во една просторија има восочна фигура на Гоце Делчев кој е покрај работната маса. Во куќата од оваа вечер ќе биде изложена и уметничка слика со портрет на Гоце Делчев, изработена од битолскиот ликовен уметник Борислав Траиковски, подарок од семејството Главинче. Естетски и визуелно Музејот е значително подобар и побогат, целосно нов и отворен за јавноста која почнува од утре со посета на ученици-истакна Зоран Николовски, директор на НУ Завод и Музеј-Битола.



Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Републичкото Собрание Пеце Милевски истакна дека Музејската поставка во Спомен-куќата ја сочинуваат: историска и етнолошка соба и училница, проект на битолскиот Завод и Музеј.
„Гоце Делчев не научи да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Органнзацијата, а тоа денес значи да работиме посветено, чесно и со љубов за Македонија! Неговото родољубие и денес е патоказ за сите кои ја сакаат и и мислат добро на Македонија.Слава ти, Учителу!-напиша пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Битола, Пеце Милевски на Фејсбук.


Реконструкцијата на Спомен куќата, музеј посветен на Гоце Делчев ја изврши тим на НУ Завод и Музеј-Битола предводен од кустос, м-р Филип Талевски, за што јавна благодарност за ангажманот истакна градоначалникот Тони Коњановски.
Проектот беше поддржан од Министерството за култура и туризам.