Home / Колумни / ЗА НАС СЕ РАБОТИ!

ЗА НАС СЕ РАБОТИ!

Од пред извесно време Битола е во центарот на вниманието, не само на битолската, туку и на македонската јавност во настојувањето на здружението “За нас се работи“ градот под Пелистер да дише чист воздух.
Ваквата иницијатива за чист воздух во Битола за многумина кои живеат надвор од Битола во почетокот делуваше збунувачки.

Деновиве, за време на еден семинар во Берово, гратче за кое многумина велат дека е вистинска воздушна бања, во кое беровчани дишат чист воздух, ми требаше многу напор и време да им објаснам како Битола остана без чист воздух за дишење.
Иако настојував, сепак мој впечаток е дека во првиот момент тешко успеав да ги (раз)убедам беровчани дека битолчани во последно време дишат на жабри и дека градот под Пелистер, за кој тие сметаа(т) дека го дише најчистиот воздух во државата, сега е дојден до тоа дереџе да мора преку протести и самоорганизирање да се бори за чист воздух.

И веднаш кога ќе се спомне зошто Битола се најде во ваква ситуација многумина ќе излезат со тврдење дека главен загадувач на Битола е РЕК “Битола“ и дека комбинатот, кој на најголемиот број домаќинства во државата им носи светлост во нивните домови, е најголем виновник што на голем број битолски домаќинства им го загорчи животот и им донесе мрак пред очите.
Сега, кога Битола стана дежурна тема во македонската јавност, кога станува збор за воздухот што го дишиме, повеќе од јасно е дека оваа тема повеќе не е, ниту може да биде само “еколошка“ тема и дека наспроти името на Здружението “За нас се работи“, повеќе од јасно е дека кога станува збор за овој проблем повеќе не се работи само за нас, туку и за сите сегашни и идни генерации.

Битола треба и мора ако не самата, тогаш со поддршка на државните институции и домашните и меѓународни еколошки организации, да се избори за тоа што е елементарно право, да дише чист воздух.
Објавувањето војна на загадувачите ниту може ниту смее да биде само домашна задача на групата граѓани и ентузијасти собрани во здружението “За нас се работи“ и нивните поддржувачи. Напротив, тоа треба да биде обврска на сите граѓани на овој град, кои имаат право да дишат чист воздух и да се изборат за здрав живот.

Последните податоци веќе одамна јасно предупредуваат дека амбиенталниот воздух во Битола е загаден до таа мера што сериозно го загрозува здравјето на луѓето. Деновиве во еден неврзан разговор со еден мој пријател, лекар-специјалист, ми беше речено дека во Битола со голема прогресија драстично се зголемува бројот на битолчани кои заболуваат од карцином на дишните органи и други малигни заболувања. Иако состојбата, според него, е повеќе од алармантна сепак многумина се трудат оваа тема да ја маргинализираат и да ја стават ад акта.
Токму поради таквите сознанија, Битола повеќе нема право да молчи пред барањата за чист воздух.
Навистина жално е што градот за кој многумина сметаа(т) дека дише најчист воздух во државата се најде во таква ситуација да мора преку самоорганизирање и протести да се бори за чист воздух.

Но, во оваа прилика едно треба на сите во Битола да ни биде јасно дека овој пат не се работи само за нас, туку се работи и за сите идни генерации, бидејќи на крајот на краиштата сите, кој помалку, кој повеќе, (ќе) дишеме ист воздух.

Оттаму мора ден побрзо да се направи регистарот на сите загадувачи на воздухот во Битола. Но, тоа не треба и не смее да биде само задача на членовите на Здружението “За нас се работи“. Напротив, тоа треба да биде пред се задача на сите над-лежни институции кои по описот и пописот на работните задачи се повикани да ги детектираат и санкционираат сите загадувачи, кои го трујат градот.

Навистина загрижувачко е сознанието дека и покрај ваквото масовно труење на граѓаните на Битола, досега ни една институција нема поднесено ниту една пријава против тие кои го загадуваат воздухот во Битола. Деновиве при само една обиколка низ градот со фоторепортерот на Битолски весник дојдовме до загрижувачки сознанија. Во Битола загадувачи, кои не трујат буквално 24 часа ги има многу и, што е најстрашно, тие не се само во т.н. индустриски дел на градот, туку и во самиот центар на Битола.
Ги има буквално на секој чекор, а иронијата да биде поголема и до Домот за народно здравје, каде еден вулканизер, како огревно гориво ги користи дотраените гуми и каде што буквално не само што не се дише од чадот кој го испушта, туку не се дише и од миризбата.
Деновиве кога многумина ги запалија грејните тела јасно може да се види кои се загадувачите кои го загадуваат воздухот во Битола. Доволно е само да се видат оџаците каков чад испуштаат и јасно ќе се види од каде иди загадувањето на воздухот во Битола. Не треба да се биде кој знае каков експерт за да се утврди кои се загадувачите на Битола.
Оттаму битката против нив не смее и не треба да биде селективна.

Напротив, таа треба да биде бескомпромисна против сите загадувачи без исклучок, бидејќи состојбите се повеќе од алармантни, а веќе не се работи само за нас.

Кога станува збор за овој проблем имаме обврска сите заедно да ја водиме таа битка, бидејќи се работи за сите нас, за сегашните и за идните генерации.
 

Автор:  Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*