Повеќе од 60 компании се претставија на денешниот Саем за вработување, кој се оддржа во Битола.
Фоајето на Народниот театар во Битола беше претесно да ги прими граѓаните кои бараат пристојна работа.
Имаше заинтересирани од сите возрасти, и подеднакво и мажи и жени. Голем број резимеа беа оставени кај потенцијалните работодавци, кои едногласно ја поддржуваат оваа караванска активност, која досега посети 6 градови во Републиката. Саемот за вработување во Битола, беше одлично посетен. Граѓаните коментираа за предноста на овој начин на запознавање со компаниите, како можност самите вработени да увидат за каков профил се работи, притоа оставајќи можност за понатамошно продолжување на комуникацијата, и евентуално вработување на граѓанинот.
-На наше задоволство, денес караванот “Саеми за вработување“ се наоѓа во Битола. Она што радува, е фактот дека повеќе од 60 компании се присутни со своја презентација, што нуди диверзитет, воедно и повеќе опции за граѓаните да се запознаат одблизу со компании од различни дејности. Целиот караван, како што јавноста веќе добро е запознаета, е насочен кон доближување на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Овој модерен, интерактивен пристап е карактеристичен за сите развиени земји во светот, па така Република Македонија не е исклучок. Цврсто веруваме во резултатите кои овој караван ќе ги даде, па токму затоа и го продолжуваме истиот низ уште неколку градови во Републиката, изјави Влатко Поповски, директор на Агенцијата за Вработување на Република Македонија.
-Оставив резиме кај неколку компании, кои верувам дека би можеле да бидат мој следен работодавец. Истите се дел од гранката во која воедно сум стручен, па верувам дека овој Саем ќе донесе убави вести за мене. Во секој случај, Саемот за вработување е за поздрав, пред сѐ поради големиот број компании присутни тука денес, изјави Славе М., невработен граѓанин со постојано живеалиште во Битола.
-Неколку месеци барам работа инаку имам завршено сообраќаен инженер со висок просек, и на саемот немаше побарувачка за мојата струка. Оставив мој контакт телефон кај некои од компаниите кои беа на Саемот, ни во огласите за вработување, бараат нешто сродно, а не со моето образование. За друго работно место би ми требала дополнителна обука, курсеви, а за она за што се чувствувам најподготвена, за она за што се образовав, нема побарувачка- ни изјави битолчанката Дијана.М.
Имаше и такви граѓани кои беа разочарани, најчесто средовечни граѓани.
– Јас сумстечаен работник од пропадната фирма “Жито Битола“. Повеќе години барам, работа, но заради мојата возраст ме одбиваат со објаснување од фирмите дека им требаат помлади работници. Во меѓувреме се снаоѓам, работам по сендвичари, кус период и во германската компанија за производство на автомобилски делови, но оттаму ми го прекинаа работниот однос. Многу сум разочарана, бидејќи на некој начин работодавците прават селекција при вработувањето и никој не сака да вработува лица помеѓу 50 и 60 години, што се пред пензија- ни изјави битолчанката која инсистираше на анонимност, И.В.
Караванот Саеми за вработување, повеќе од месец и половина ја обиколува Република Македонија. Околу 350.000 граѓани досега ги посетија саемските денови, на кои се претставија преку 500 компании кои делуваат во републиката.
Следниот во низата саеми, во организација на Агенцијата за Вработување на Република Македонија, ќе се оддржи во градот Куманово.
Б.В.