Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен Во Македонија во октомври изнесувала 21.717 денари, објави во понеделникот Државниот завод за статистика.
Просечната плата во однос на истиот месец лани номинално се зголемила за 2,2 отсто.
Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Рударство и вадење на камен (10,5 отсто), Градежништво (6,8 отсто) и Дејности на здравствена и социјална заштита (5,5 отсто).
Просечната плата на месечно ниво бележи пораст од 439 денари ниво. Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (9,6 отсто), Образование (5,0 отсто) и Дејности на здравствена и социјална заштита (4,5 отсто).
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во октомври 2014 изнесувала 31. 847 денари, што претставува пораст од 2,0 отсто на годишно ниво.
Во октомври 2014 година, 1,4 отсто од вработените во Република Македонија не примиле плата.