На денешната прес- конференција која се одржа во просториите на македонската млекарница „Бимилк” во Битола беа претставени досега реализираните инвестиции во најсовремена технологија и зголемување на производните капацитети.
„Бимилк” ги најави своите амбициозни планови за оваа и следните неколку години. Нова инвестиција од 12 милиони евра во македонската млекарница „Бимилк”, која ќе се реализира во следните три години, најави генералниот директор Златко Најдовски.
-Ќе се модернизираат производствените капацитети во фабриката, ќе се менува дизајнот на амбалажата, ќе се воведат нови производи и ќе се набавуваат машини, од кои една чини од три до шест милиони евра. Инвестициите беа неопходни за да ја одржиме лидерската позиција на домашниот пазар и да се освојат најпребирливите, европскиот и американскиот пазар. Инвестициите, според технолошките стандарди, ја доведоа ’Бимилк‘ да биде една од најдобрите млекарници во овој регион и Европа. Располагаме со една од најмодерните сирењарници во Европа, а воспоставени се современи системи за ферментација на јогуртите во 100 проценти во асептички услови. Тоа не издвојува како најмодерна млекарница и во радиус од 1.000 километри- изјави директорот Најдовски.
Тој истакна дека новата инвестиција е продолжување на досегашните вложувања во развој на компанијата.
А во изминатите осум години во млекарницата биле вложени 13 милиони евра во модернизација на производството, подигање на квалитетот и во набавка на јунци за фармерите.
Пропорционално со инвестициите овој млечен бренд бележи континуиран раст во извозот на млечни производи на странските пазари.
-Оваа година се склучени договори за извоз на рекордни количества од над еден милион килограми млечни производи за Америка и Канада. Овој извоз ќе биде реализиран во текот на 2015 година. Ќе се извезуваат тврдите сирења ’пекорино‘, ’гравиера‘, како и повеќе видови кашкавал- рече Најдовски.
Тој истакна дека нивните партнери од Америка бараат склучување на десетгодишен договор за испорака на тврди млечни преработки за нивниот пазар.
Затоа планираат во иднина да се стимулира и производството на овчо млеко. Тој ги повика сите заинтересирани фармери да се пријават во млекарницата за да ги запознаат со мерките што ќе се преземат од март.
Во 2015 година “Бимилк” ќе насочи голем дел од својот фокус кон подобрување на состојбите во производството на овчо млеко, проблем кој се провлекува подолго време во македонското сточарство. За таа цел “Бимилк” има план да обезбеди генетски материјал за овчарските стада со цел кооперантите да имаат можност да го зголемат својот потенцијал, а на тој начин и да го зголемат количеството на произведено овчо млеко. Земајќи го предвид фактот дека сточарството е долготрајна дејност, “Бимилк” секогаш ќе биде на страната на фамилијарните комерцијални фарми со отвореност за долгорочна соработка од 5 и повеќе години.
Според него амбициозните планови на компанијата за извоз, и понатаму домашниот потрошувач ќе биде во фокусот на работењето на “Бимилк”, бидејќи се создава квалитет на производите кој се мери со оној на врвните светски брендови.
Б.В.