Драматично породување во Клиничката болница
Мислам дека беше три часот по полноќ. Веќе бев потонат во длабок сон кога заѕвони мојот домашен телефон. Во првиот момент помислив да не се јавувам и да не одговорам на повикот, бидејќи сметав дека некој мој пријател по новогодишното славје сака да ми ги честита празниците.
Сепак, како началник на Ургентна медицина, навикнат да ме будат во кој било дел од денот или ноќта, решив да се јавам на повикот.
Вака ја почнува својата приказна за невообичаеното и драматично породување на Клиничката болница во Битола, кое се случи на петти јануари, д-р Васо Радивоевиќ, еден од првите специјалисти за ургентна медицина во земјава.
Драматичен повик за транспорт во Скопје
Наместо новогодишна честитка, од другата страна на жицата тој слушнал загрижен и треперлив глас.
– Докторе, извинете што ве будиме олку рано, но мораме. Треба најбрзо што можете да дојдете во Клиничката болница, зашто итно треба да се транспортира пациентка во поодмината бременост на клиниките во Скопје. Пациентката само што не се породила, а ние поради оштетени крвни садови не можеме никако да најдеме крвен сад и не можеме да ѝ дадеме инфузија – јавиле од клиниката.
Радивоевиќ додава дека, како и во други итни случаи, заминал во Клиничката болница во Битола, на гинеколошкото одделение.
д-р Васо Радивоевиќ
Со оглед на тоа што овој лекар во својата 35-годишна кариера имал безброј драматични интервенции, во кои спасил многу животи, оваа приказна не би била нешто посебно за него доколку не се работи за интервенција што првпат се применува во Клиничката болница во Битола, а која досега не е направена и во Република Македонија. Благодарение на неговата интервенција, Т. Д. од Битола, на возраст од само 22 години, на светот донела здраво женско дете, а ризичното породување завршило без никакви компликации.
Тешка одлука
– Кога колегите од гинеколошкото одделение ми раскажаа за каков случај се работи, на сите ни беше јасно дека заминувањето за Скопје ќе биде крајно ризично и дека мораме да интервенираме во нашата болница. Но, како да најдеме начин за да можеме интравенозно да ѝ дадеме инфузија со лекови. Во тој момент одлучив да ја применам методата што кај нас во болницата дотогаш не беше применувана, која рутински ја користат војниците на САД и на Франција во државата Мали, а често се употребува во САД, бидејќи таа е нивни изум. Имено, се работи за давање инфузија интраосеално, или директно преку коскената срж. Откако ѝ објаснив за каква метода се работи, пациентката без размислување се согласи. Во тој момент ја замолив своерачно да потпише изјава со која изјавува дека се согласува на таква интервенција и дека е запознаена со сите последици – вели Радивоевиќ.
Веднаш откако Т.Д. ја потпишала изјавата, Радивоевиќ го донел апаратот што пред една година фирмата „Екоклуб“ го донирала за Ургентното одделение, а кој има 6 специјални игли, кои се произведуваат во државата Тексас, и дотогаш не бил воопшто употребен. Со помош на овој апарат Радивоевиќ ѝ дал инфузија на младата Т.Д. преку коскената срж во потколеницата.
– Методата е многу ефикасна и речиси безболна, но, за жал, кај нас досега не се применуваше, бидејќи ние со таков апарат до неодамна не располагавме, а потоа и затоа што, освен мене, засега нема друг обучен лекар во болницата да ја применува – вели Радивоевиќ.
Според него, оваа метода се применува во одредени животозагрозувачки состојби, кога кај пациентите доаѓа до срцев застој или кај пациенти што страдаат од наркоманија, хемофилија или ревматиден артритис.
– Иако ми беше првпат на тој начин да интервенирам, интервенцијата помина во најдобар ред и кај пациентката Т.Д. изутрината воспоставивме преку коскената срж да добива инфузија, која можеше да ја прима цели 12 часа – вели Радивоевиќ, кој по успешно изведената метода заминал дома и изутрината околу 9 часот повторно се вратил на гинеколошкото одделение.
Изутрината пациентката веќе била пренесена во породилната сала, каде што гинекологот д-р Гоце Чакаревски и колегите со голема загриженост го очекувале породувањето. Во тој момент се појавил проблем со контракциите на матката и се наметнала потребата од давање инјекција, синтицином, за да се забрзаат контракциите на матката.
– Преку иглата што сѐ уште стоеше во потколеницата на пациентката ѝ се даде таква инјекција и само по 15 секунди почнаа контракциите, по што набрзо родилката на свет донесе здраво женско бебе – вели Радивоевиќ.
Среќниот крај не ја израдувал само мајката Т.Д. туку и сите лекари на гинеколошкото одделение, а посебно д-р Васо Радивоевиќ. Во момент на голема среќа, младата мајка соопштила дека во знак на благодарност кон Радивоевиќ девојчето ќе го крсти Васка.
Денеска, неколку дена по породувањето, и младата мајка и бебето се чувствуваат одлично.
Автор: Менде Младеновски
Фото: Сашо Ристевски