Настанот во Гошинце е сериозен во кој учествувала група учесници чиј идентитет веќе им е познат на нашите институции и за што е известена меѓународната заедница и институциите во Косово, оцени денеска во Охрид премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
На народниот собир пред охриѓани, Груевски порача дека овој настан не смее да се става во дневно-политички контекст.
– Сакам да им порачам една работа на сите инволвирани, ова не е 2001. Институциите ќе делуваат решително и одлучно во рамки на своите надлежности, а потпалувачите од 5-тата колона треба максимално одговорно да се постават во случајот зашто ова веќе не е дневна политика и нивните глупости, напади, закани и однесувања за овој случај имаат еден друг контекст. Ова е сериозна работа и во прашање е државата, потенцира Груевски.
Осврнувајќи се на изјавата на лидерот на СДСМ во врска со овој настан, Груевски побара воздржаност од шпекулации од страна на опозицијата.
– Изјавите на лидерот на опозицијата на неговата последна прес-конференција во врска со овој настан ќе ги земам како израз на неговиот капацитет, но и неинформираност и ќе апелирам на воздржаност, ако воопшто е можна кај овие луѓе, затоа што воопшто не е наивна оваа работа и без разлика на личните моменти, омразата која ја имаат, фрустрациите, комплексите кај опозицијата, за ова замолувам да се воздржат од шпекулации, рече премиерот Груевски.