После обвинувањата дека бил организатор на упадот во собранието, Горан Живаљевиќ во долго интеврју за српската „Хепи“ телевизија открива низа шокантни детаљи за кобниот 27 Април. Тој вели дека не само што не знаел дека ќе има упад, туку настаните ги следел од дома. Кога добил повик од српската амбасадорка дека нешто се случува се упатил кон собранието, со намера да види дали таму има српски екстремисти, што веќе било најавено. Зад демонстрациите не стоеле граѓански здруженија додава Живаљевиќ.
„Тоа се демонстрации на македонски патриотски организации, се разбира под контрола на ВМРО – ДПМНЕ.“ – вели Живаљевиќ.
Пред собранието немало полиција, а речиси сите биле внатре, Живаљевиќ влегол два часа после нападот врз пратениците, и го известил советникот за безбедност на претседателот Иванов Синиша Алексовски, кој бил негов дотогашен офицер за врска со македонските служби.
„Јас му се јавувам, го прашувам што се случува, тој ми одговара не знам, еве требаше да патувам сега се симнав од авион во Охрид, јас му велам види, тука сум на лице место, следам што се случува, имаме најави дека можат да тргнат некои наши будали. Додека сум внатре од Белград ме прашуваат дали ќе има вонредна состојба, бидејќи имав комуникација со господинот Алексовски, тој е советник на претседателот а претседателот воведува вонредна состојба, му праќам порака по вибер да го прашам дали ќе има вонредна состојба, тој ми одговара не, и веднаш стига порака каде си, тогаш го правам првото селфи во животот“ – вели Живаљевиќ.
Интересно е што во одговорот на кабинетот на Иванов, претходно се тврдеше дека Алексовски воопшто не одговорил на прашањето дали ќе има вонредна состојба, туку само го прашал Живаљевиќ каде е. И сега е прашање кој не ја збори вистината, Живаљевиќ или Алексовски. Живаљевиќ вели дека неговото присуство во собранието е искористено да се сврти вниманието од организаторите на нападот.
„На тие фотографии на кои тие луѓе влетуваат со маски и го тепаат Заев, има и човек со амблем на Хрватски вооружени сили, Игор Југ, и ако внимателно ја гледате снимката се гледа дека цело време ја држи раката зад грб. Според некои информации тоа е човек кој требало да го убие Зоран Заев. После таа почетна информација која ден два се задржа во медиумите, јас никогаш повеќе во медиумите не видов дали тој човек е уапсен, каде е. Сите служби во Македонија ги знаат имињата на десетте луѓе кои беа под маски, сеуште ги следам македонските медиуми, јас не гледам дека прашуваат кои се тие луѓе, кој ги држел на врска.“ – вели Живаљевиќ.
Живаљевиќ додава и дека со неговиот случај е прикриено и учеството на припадници на агенцијата за разузнавање во собранието, и прашува како Синиша Алексовски одеднаш станал ненадлежен да биде известен за неговото присуство.
„Како Синиша Алексовски е овластен да има преку 20 состаноци за време на мојот престој во Скопје, како бил надлежен да носи службени документи во размена со БИА, како бил овластен да прима од мене званични документи на БИА. Како бил надлежен да биде 5 или 6 пати шеф на делегацијата на македонската служба за време на експертските разговори, а единствено не е надлежен да му пријавам посматрање на безбедносно интересна случка“ – вели Живаљевиќ.
Кабинетот на претседателот инаку после долго молчење призна дека Алексовски контактирал со Живаљевиќ. После тие информации и Јавното обвинителство соопшти дека отвара истрага и за улогата на Синиша Алексовски и Горан Живаљевиќ во настаните во собранието. Инаку и пет месеци после крвавиот упад, во Македонија не е уапсен ниту еден од организаторите на крвавиот четврток, а имаше само приведувања и кривични пријави за дел од учесниците кои се процесуираат со полесни правни квалификации.