Home / Македонија / Менде Младеновски добитник на наградата „Менде Петковски“

Менде Младеновски добитник на наградата „Менде Петковски“

На новинарот Менде Младеновски, дописник на „Нова Македонија„ од Битола, редакцијата на весникот „Дневник„ денес му ја врачи наградата за најдобар дописник за 2014 година. Наградата го носи името „Менде Петковски” во чест на прерано починатиот дописник на „Дневник„ од Битола и беше доделена по јубилеен десетти пат.
Младеновски беше награден за серија текстови посветени на случувањата во Клиничката болница во Битола. Во наградените прилози авторот го третирал и расплетот на случајот со починатиот пациент Јорго Ангеловски на кого наместо инфузионо средство му било дадено средство за дезинфекција. Освен за ова, тој пишуваше и за други случаи во оваа здравствена установа, меѓу кои и оној кога мртов пацинет бил воден за жив. Младеновски, инаку е главен и одговорен уредник на „Битолски весник”, гласило кое минатата година ја прослави 50 годишнината од своето постоење.

DSC_0038   DSC_0045

-Кај мене се измешани чувствата. Имам чувство на радост што сум добитник на ваква престижна награда од еден весник како што е „Дневник” и чувство на тага зашто се случи тој немил настав, во кој животот го загуби Јорго Ангеловски. Ќе бев посреќен Јорго да беше жив и да не излезеше таа серија текстови. Цело време додека од болницата се обидуваа да ја скријат, а потоа и да ја релативизираат приказната за смртта на Јорго , ние опстоивме на тоа да докажеме дека почина поради грешка на лекарите. Деновиве имаше и пресуда во Основниот суд, казнет е еден од учесниците во неговото третирање со шест месеци затвор- изјави Младеновски.

DSC_0067   DSC_0030

Плакетата му ја врачи Бранко Ѓоргевски, помошник на главниот и одговорен уредник на „Дневник” кој посочи дека ова признание ги стимулира дописниците да пишуваат што подобри текстови посветени на приказни на обични луѓе.
-Ова ни поврдува дека остануваме доследни на нашата намера името и споменот на Менде Петковски да го почитуваме и преку квалитетот на дописничките трудови. На тој начин сакаме да го поттикнеме квалитетот кај новинарите дописници кои работат во многу потешки услови отколку ние во матичните редакции – рече Ѓоргевски.

 
Наградата донирана за хумани цели
Паричниот дел од наградата во износ од 30 000 денари го донираше компанијата „Пелистерка„.
-Влијанието и одговорноста на медиумите во едно здраво општество е клучно за сите луѓе, а „Пелистерка “ како општествено одговорна компанија константно се грижи за поттикнување на општото добро и поддржува истакнати поединци чија работа е корисна и мотивирачка за сите нас- изјави Димитар Митревски, член на Одборот на директори во „Пелистерка”.
Новинарот Младеновски реши паричниот дел од наградата да го донира во хумани цели. Дел од средствата ќе бидат донирани за малиот Давид Домазетовски од Битола на кој му е потребно лекување, а другите за ученикот Томе Кирјази од истиот град, кој доаѓа од социјално семејство, а е голем талент во изучувањето на природните науки.

 

 

 

Жанета Здравковска, новинар на  “Дневник“

Фото: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*