Don't Miss
Home / Uncategorized / Со кредит од Светска банка ќе се урбанизира Златниот рид

Со кредит од Светска банка ќе се урбанизира Златниот рид

Златниот рид во моментот е големо градилиште. Се градат неколку станбени згради, трговски центар и хотел. Но засега, освен еден сопственик, никој друг нема почнато да гради индивидуална куќа на оваа атрактивна парцела, која се наоѓа веднаш под најатрактивниот дел на Битола, популарното Тумбе кафе.

 

Поранешната битолска касарна, денес позната под името Златниот рид, каде што интензивно се градат неколку станбени и деловни објекти, конечно ќе се урбанизира и инфраструктурно ќе се уредува. По неколку месеци одлагања, натегања, (раз)убедувања и остра политичка дебата, на последната седница на Советот на општината Битола, која безмалку траеше два дена, со гласовите на мнозинството советници беше изгласана одлука за задолжување со кредит од Светска банка во износ од 2,5 милиони евра за инфраструктурно уредување на Златниот рид.

Сите настојувања на опозицијата да ги разубедат советниците од владејачкото мнозинство да не ја поддржат ваквата одлука на градоначалникот Владимир Талески беа неуспешни. По речиси два дена дебата, одлуката беше изгласана со што советниците дадоа виза да почне реализацијата на овој кредит, кој, според објаснувањето на првиот човек на градот, е мошне поволен и со неговата реализација конечно инфраструктурно ќе се уреди Златниот рид, кој во моментов е најголемото градилиште во Битола.

 
– Ова не е кредит за крпење улици или дупки. Ова е кредит за реализација на капитален проект, како што е инфраструктурното уредување на касарната, каде што над 80 отсто од парцелите се веќе продадени и каде што граѓаните што купија парцели со нетрпение очекуваат да почнат со градба. Нас треба да нѐ радува тоа што општината Битола е кредитно способна да се задолжи кај Светска банка за користење ваков исклучително поволен кредит – нагласи советникот на владејачкото мнозинство Златко Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој заедно со другите советници од коалицијата „За подобра Македонија“ застана зад определбата на Талески.

 

Советниците на опозицијата, пак, не мислат така. Тие со своите дискусии и дилеми во ниту еден момент не сакаа да спорат дека Златниот рид треба инфраструктурно да се уреди, бидејќи значаен дел од парцелите се веќе продадени и каде што веќе се градат неколку станбени и деловни објекти. Но опозицијата смета дека општината Битола, со финансискиот капацитет со кој располага, буџетот што му е на располагање, како и од средствата што се собраа од продажбата на градежните парцели требаше самата да ги покрие трошоците за инфраструктурно уредување на касарната.
– Иако кредитот од Светска банка е поволен, сепак тој е кредит. Доколку кредитот беше толку добар и поволен, зошто точката за задолжување на општината беше ставена на седницата како 30-та на дневниот ред. Ако беше толку поволен кредитот, сигурен сум дека одлуката за задолжување ќе беше ставена како прва точка на дневниот ред, а градоначалникот Владимир Талески прв ќе дојдеше на седницата да се пофали што се изборил за таков кредит – изјави светникот на ЛДП, Валентин Груевски, кој го постави прашањето зошто Битола со буџетот со кој располага да ги задолжува идните генерации.
За некои опозициски советници е несфатливо да се продаде најатрактивниот дел од градот, поточно белите дробови на Битола, и од продажбата на толку многу атрактивни градежни парцели, кои, според нив, ги купија голем број битолски моќници, да не може да се соберат средства ни за најелементарно инфраструктурно уредување. Вака како што се одвиваат работите, Златниот рид што го промовира сегашната локална власт ќе се претвори во горчлива приказна, смета опозицијата.

 

– Дури сега се виде дека идејата за продажба на парцелите по почетна цена од само 1 евро се покажа како крајно штетна. Иако се продадени над 80 отсто од парцелите не можат да се соберат пари ни за изградба на неколку улици, или фекална канализација – смета советникот Зоран Стојчевски, кој притоа отворено го поставува прашањето за што се потрошија средствата од продажбата на парцелите.

 
И советникот на НСДП, Благојче Котевски, смета дека и покрај поволните услови на кредитот од Светска банка, Битола не требаше кредитно да се задолжи и дека за него несфатливо е 2,5 милиони евра да се потрошат за изградба на само четири улици.
– По ваквата математика испаѓа дека еден километар улица во Златниот рид ќе нѐ чини ни помалку ни повеќе туку над 500.000 евра – смета Котевски.
Инаку, кредитното задолжување на локалната самоуправа на Битола од Светска банка беше најавено уште на минатогодишните парламентарни избори. Се работи за кредит од 2,5 милиони евра, со рок на враќање од 13 години и грејс-период од три години.

 

Каматната стапка на кредитот, која е променлива, во моментот изнесува 0,95 отсто. Кредитот ќе се враќа во шестмесечни рати, а последната достасува за наплата во 2030 година. Со средствата од овој кредит ќе се градат вкупно четири улици во парцелите АРМ 1 и АРМ 2, како и фекална и атмосферска канализација.
Користењето на кредитот, кој го гарантира Министерството за финансии, е строго наменски и не се можни никакви пренамени.

Инаку Златниот рид во моментот е големо градилиште. Се градат неколку станбени згради, трговски центар и хотел. Но засега, освен еден сопственик, никој друг нема почнато да гради индивидуална куќа на оваа атрактивна парцела, која се наоѓа веднаш под најатрактивниот дел на Битола, популарното Тумбе кафе.
Сопствениците на парцелите имаат рок од една година да ги платат комуналиите за изградба на своите објекти.
Освен за станбените згради, продадени се и голем број парцели за изградба на индивидуални куќи, а продадени се и неколку парцели со огромни површини, кои се предвидени за изградба на луксузни хациенди. Овие парцели, кои се во најатрактивниот дел на локацијата, ги купија најбогатите битолчани, а покрај изградбата на раскошни куќи, на овие парцели е предвидена изградба на базени.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*