Со театарската претстава „Животот на Молиер” од Михаил Булгаков во режија на Александар Поповски, а во изведба на МНТ, синоќа во Битола започна 17. издание на „Интернационалниот фестивал на монодрама”.
Натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе започне денес со монодрамата „Приказни без зборови” со романскиот актер Стефан Руксанда, а ќе заврши на 28 април кога ќе биде доделена наградата Гран-при за најдобра монодрама и други фестивалски признанија.
Меѓународната манифестација трае пет дена, а на програма се 14 претстави, од кои 11 монодрами, сите во конкуренција. Настапуваат актери од десет држави: Романија, Израел, Русија, Србија, Хрватска, Бугарија, Украина, Велика Британија, за првпат годинава учествува Турција, како и домаќинот Македонија. Годинава во програмата има и четири македонски монодрами.
Своја премиера ќе има “Делириум тременс” во режија и во изведба на актерот Игор Трпчевски од Прилепскиот театар, а по текст на Благоја Ристески – Платнар. Весна Петрушевска учествува со монодрамата “Последна шанса” во режија на Синиша Евтимов, а актерот од Тетово Бурхан Амити, кој е и режисер, настапува со монодрамата “Хашамет”, адаптација на текстот “Хамлет” на Шекспир. “Љубов” е четвртата македонска монодрама на актерот Петар Милошевски, кој проектот го изработи во продукција со театар од Лондон.
Претседател на меѓународното жири е рускиот актер Јуриј Назаров, познат по филмските ролји, меѓу кои и една од насловните улоги во филмот “Андреј Рубљов” на Андреј Тарковски. Членови се Благој Чоревски, Ирена Ристиќ , Илија Упалевски и Нина Мазур. Селектор е актерот Пепи Мирчевски.
Во чест на наградените на затворањето на 17то издание на интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2015” ќе биде изведена претставата на МНТ „Не се клади на Енглези” од Владимир Ѓорѓевиќ во режија на Синиша Ефтимов.
Б.В.
Фотографии: С.Ристевски