До крајот на август треба да почне јавната набавка за таблети за студентите од трета и четврта година кои потекнуваат од семејства каде вкупниот приход е помал од просечната нето плата.
За ова денеска информираше министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, според кој проектот што го најави премиерот Никола Груевски на вчерашната трибина треба да се заокружи до крајот на годината.
– Се надеваме дека оваа мерка ќе предизвика позитивни ефекти и кај студентите и кај приватниот сектор и со тоа ќе има пораст на економијата, изјави Ивановски пред денешната средба со претставниците од МАСИТ на која заедно со заменик министерката Марта Арсовска – Томовска ги претставија плановите за развој на ИКТ секторот во земјата.
Први ќе добијат таблети оние училишта каде нема компјутери, а потоа постепено ќе се заменуваат и компјутерите имајќи предвид дека нивната амортизација е од пет до шест години.
На оваа редовна средба меѓу владиниот сектор и претставниците на МАСИТ ќе се разгледаат и начините како да се задржи младиот образовен ИКТ кадар во земјава.
– Единствен начин да ги задржиме луѓето е да работиме за извозот. На тој начин ќе овозможиме македонскиот кадар да остане во државата и да работи на престижни проекти, изјави претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Срѓан Михајловски.