Home / Uncategorized / Усвоен кварталниот извештај

Усвоен кварталниот извештај

На денешната седница на општинскиот Совет, советниците ги усвоија кварталниот извештај за извршување на буџетот на Општината Битола за третиот квартал од 2014 година.

Податоците на кварталниот извештај покажуваат дека приходите во буџетот бележат 64,5 проценти реализираност, а со 56,10 проценти се расходите во општинскиот буџет.

Висок процент на реализираност имаат ставките за такси и надоместоци, како и реконструкцијата на Црн мост, каде во делот на капитални инвестиции е со оствареност од 100 проценти.

Според советниците од опозицијата, од кварталниот извештај се констатирало она на што предупредувале уште при носењето на годишниот буџет, дека истиот е обемен и нереален.

-Од динамиката на реализација може да се види дека буџетската каса во Општината Битола се полни од прибирање на средства од такси и даноци на имот. Додека пак значително се намалени приходите од продажба на градежно земјиште. Она што не загрижува е што и при проекциите на наредниот буџет, повторно ќе се предвидат нереални показатели – рече советникот Зоран Стојчевски од опозициската СДСМ.

 

Изостануваат капиталните инвестиции, смета СДСМ

 

 

Координаторката на советничката група на СДСМ, Наташа Петровска рече дека нула проценти е реализацијата за изградба на системи за водоснабдување, мал е воедно и процентот за изградба на системи за одводнување и прочистување на отпадни води.
-Процентите покажуваат дека далеку од тоа дека Општина Битола во оваа фискална година направила сериозен чекор во развојните програми и инвестициите од капитален интерес. Од друга страна ако ги погледнете главните институции градинките училиштата, општинската администрација низок е процентот на подмирени обврски за јавните давачки кои граѓаните треба да си ги подмируваат тековно. Тоа јасно покажува каква е нивната платежна моќ а пак од друга страна и јавните институции ни се на колена- обвини координаторката на советничката група на СДСМ, Петровска.

 
Општината вложува во капитални објекти, возврати власта

 

 

Приходите се за десет проценти годинава поголеми во однос на истиот период лани, што реално е за очекување, посочи советничката од владејачкото мнозинство, Соња Карапашовска според која јасна им била на граѓаните ориентацијата на оваа актуелна локална самоуправа кон вложувања во капитални објекти што се гледа и од реализцијта на развојните програми во буџетот на Општина Битола.

-На крајот од четвртиот квартал очекуваме висок процент на остварување на буџетот. Се забележува повисок процент на оствареност кај сите ставки. Особено ставката од продажба на земјиште која е зголемена за дваесет проценти или 4,5 мил. денари во споредба со лани. Во расходниот дел намалени се сите непродуктивни трошоци во однос на капиталните расходи. Ова го тврдам врз анлиза на капиталниот биланс. И тоа во 2013 година односот на капитални приходи бил 14,7 проценти наспроти 36 % капитални расходи, додека во 2014 година тој однос е 38 проценти капитални проходи наспроти 50 проценти капитални расходи. Тоа значи дека капитални расходи заклучно со третиот квартал се 50 % од вкупните расходи наспроти 36 што ги имавме во минатата година . Тековните оперативни расходи се многу помали со споредба со овој период од минатата година-беше исцрпна Карапашовска.

Средствата од општинскиот буџет се директно насочени кон подобрување на животот на нашите сограѓани- посочи советникот Николче Јанкуловски од  владејачкото мнозинство.

-За изградба на улици и патишта околу 25 мил. денари а заедно со Агенцијата за рурален развој извршена е реконструкција на локалниот пат на Пелистер со мини плоштад во црквата “Св Богородица“. И реконструирани се краци во повеќе села. Околу 4 мил. денари се потрошени за атмосферска и фекална канализација на повеќе улици. Продолжуваат инвестициите во Касарната- истакна советникот Јанкуловски.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*