Home / Политика / Заев: Ниту министрите не се согласуваат со расипништвото на Владата

Заев: Ниту министрите не се согласуваат со расипништвото на Владата

Опозицискиот СДСМ денеска го објави шестиот по ред пакет „бомби“ од, како што првично рекоа, над 20.000 неовластено прислушувани разговори од страна на УБК. Од 11-те телефонски разговори помеѓу, како што беше речено, министрите за финансии и за внатрешни работи Зоран Ставрески и Гордана Јанкуловска што денеска на прес-конференција ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев „се слушаат нивните несогласувања со политиката на трошење на премиерот Никола Груевски и со проблемите при кроењето на буџетот.

Од разговорите се слуша како Јанкуловска, меѓу другото, се жали дека полицајците спијат на железни кревети и со ќебиња од ЈНА, како немаат пари за плаќање на парно греење, на што Ставрески одговара, „а има пари за патеки, за аква-паркови, за… Па и Америка да сме нема да можеме да издржиме вакви трошоци!“

Во еден од разговорите, како што прокоментира Заев, се слушаат коментарите на Ставрески и на Јанкулоска за економската состојба на земјата и за претераното трошење, како и за „претераната реакција на полицијата на протестите во општина Центар“.

– Не е подобро, ние додаваме нон стоп трошоци и обврски, не постои нормална земја у светов, Америка да беше немаше да издржи. Нема седница на Влада…, не знам што праиме, ние сме лудаци. Трошиме на чоколадо, а немаме леб, тоа правиме – се слуша машкиот глас од снимката.

Во однос на останатите снимки што планира да ги објави и на судската постапка за акцијата „Пуч“, Заев, на новинарските прашања одговори дека нема докази за нарачани убиства, дека на ред ќе дојдат и разговори помеѓу функционери од албанските партии, дека еден од уапсените, Зоран Верушевски се уште е обвинет само за незаконско поседување на пиштолот…

Заев зборуваше и за своите очекувања од понатамошниот развој на ситуацијата.

– Оваа политичка криза е најверојатно најголемата политичка криза од самостојноста на Македонија, а Никола Груевски секојдневно ја носи земјата во се подлабока криза. Јас само се надевам дека нема во план да направи некоја беља во Македонија. Тоа нема да му го дозволиме ниту јас, ниту граѓаните. А решение ќе си дојде. Мора да има политичка разрешница. Правна разрешница од ова ниту ќе има, ниту очекуваме да има – рече Заев.

 

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*