Цел ден од говорницата пратениците од опозициската ВМРО ДПМНЕ расправаат. За владата, за пожарите, за платите, за мигрантите…За се и сешто, само не за точката за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски. СДСМ со оваа дебата сака да ја дефокусира јавноста од големите успеси во наводници, за 70 дена ништо не направија вели Зоран Илиоски.
„Според изборниот законик оваа дебата треба да прекине и да продолжи на 15 октомври, меѓутоа на нив им е важно да се зборува за се освен за проблемите што тие не се способни да ги решат како што се пожарите“, истакна Илиоски.
Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ на самиот почеток објасни дека пратениците од од неговата партија нема да учестуваат во бесмислена расправа.
„Не може вие колеги од ВМРО-ДПМНЕ да не навлечете да учествуваме во вакво нешто бесмислено, ем си го трошиме нашето време, ем ги трошиме парите на граѓаните, ем нема никаков ефект“, додаде Тунтев.
Тунтев потсети дека ефикасноста во работата е потребна за реформите кои ги очекува Европската Унија, но и граѓаните на Македонија, и тоа почнувајќи од правосудството, поради што е потребна смената на јавниот обвинител. Демократскиот сојуз на Македонија денеска оцени дека ВМРО-ДПМНЕ, прво со опструкциите да се конституира Парламентот, потоа изборот на претседател и потпретседатели на Парламентот, да се спроведат кадровските промени во Јавното обвинителство и да се реформира судскиот систем, вршат класична блокада на реформите.
„Овие блокади значат и кочење на евроатланските процеси и спроведување на заклучните согледувања на Прибе, за реформи во тајните служби, медиумите и правосудството“, велат од Демократски сојуз.
Главните забелешки од меѓународните организции инволвирани во решавањето на политичката криза и застојот во демократскиот развој во Македонија укажуваат дека приоритетни се реформите во правосудството. Владеачката СДСМ смета дека ослободување на судовите од политичко влијание треба да почне со смена на државниот јавен обвинител. Но според опозицијата има причини овој процес жилаво да го попречува.