Don't Miss
Home / Uncategorized / Веле Стефановски нов претседател на Лајонс клуб- Битола

Веле Стефановски нов претседател на Лајонс клуб- Битола

Веле Стефановски, вработен во Стопанска Банка а.д. Битола е нов претседател на Лајонс клубот- Битола , а досегашниот претседател Марјан Танушевски во новата фискална година ќе ја врши функцијата зонски претседавач во Д132 Македонија, или зоната во која се сите битолски лајонс клубови и огранокот во Ресен.

BV 1

На годишното собрание на Лајонс клуб- Битола членовите на клубот го усвоија Извештајот за работата во минатата година констатирајќи дека токму оваа година клубот според своите активности е на самиот врв во дистрикот на македонските лајонс клубови.

-Зад нас е исклучително успешна лајонс година со реализирани проекти кои привлекоа внимание во државата и странство. Според стандардите на светската лајонс организација, остваривме 2.480 лајонс-часови и притоа се услужени 768 лица. Работата на Лајонс клуб Битола, стана пример за другите клубови во државата, нашата динамика беше во функција на светското мото на лајонсите „Служиме” и успеавме затоа што уживавме во тоа што го работевме, вели Марјан Танушевски, досегашниот претседател на Лајонс клуб Битола.

Во текот на годината, членовите на Лајонс клуб Битола меѓудругото ги реализираат проектите „365 денови хуманост”, аудио книга „Вечноста на Битола” која ја добија сите Здруженија на слепи лица во Република Македонија, архивирана е во седиштето на светската лајонс организација во Чикаго, а беше публикувана и во англиското издание на Лајонс Магазин, потоа проектот „Го сакам велосипедот”, Меѓународниот ден на белиот стап, Светскиот ден на борба против дијебетес и други бројни хумани акции.

-Во дистриктот долго ќе се памети традиционалниот хуманитарен „Црно бел бал” кој оваа година беше со рекордна посетеност, а нас посебен гостин беше претседателот на лајонсите во целиот свет Џо Престон. Незаборавните моменти и дружење ги заокруживме со конкретна донација, спортска опрема која ја доделивме на здруженијата на слепи, глуви и лица со телесна спреченост кои спортуваат во спортската сала што се наоѓа во населбата „Карпош” во Битола. Во овој период обезбедивме и други донации во градот и државата, организиравме акции и активности кои беа забележани од пошироката јавност, а како круна на се беше збратимувањето со Лајонс клубот Нашице од Хрватска, кое како чин посебно се почитува и цени во светската лајонс федерација, посочува Танушевски.

BV 2

Во текот на фискалната година, за постигнатите активности Лајонс клуб Битола доби повеќе награди и признанија како што се наградата на редакцијата на „Битолски весник” за најдобро здружение на граѓани, наградата на Дистрикт132 Македонија за одличен клуб, награда за учество во одбележувањето на големиот јубилеј 100 години лајонс во светот, а далеку пред рокот Лајонс клуб Битола ги исполни условите за добивање на меѓународното признание „Награда за одличен клуб”.

Според лајонс традицијата, примо-предавањето на знамето на клубот се изврши на свечен начин, а новоизбраниот претседател на ЛК Битола, Веле Стефановски приреди промоција на новата програма за работа.

-Продолжуваме со негување на традиционалните проекти, а ќе имаме и нови кои ги посветуваме на младите. Нашата желба е да соработуваме со сите генерации, да го зголемиме бројот на поддржувачи како во граѓанскиот така и во бизнис секторот, како еден од имиџ проектите кои ги промовираше новиот гувернер. Во светот има 1,4 милиони лајонси и горди сме што сме дел од тоа големо семејство, нагласи новоизбраниот претседател на Лајонс клубот Битола , Веле Стефановски.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*