Home / Вести / АД ЕСМ дел од Самитот за инвестиции за Западен Балкан организиран од ЕБОР

АД ЕСМ дел од Самитот за инвестиции за Западен Балкан организиран од ЕБОР

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов и директорот за развој и инвестиции во АД ЕСМ, Виктор Андонов се дел од Самитот за Инвестиции за Западен Балкан кој годинава се одржува во Лондон и е во организација на Европска Банка за Обнова и Развој (European Bank for Reconstruction and Development EBRD).

На Самитот се присутни и лидерите на земјите од Западен Балкан. Целта на Самитот е да се истакнат потенцијалните можности за инвестирање и бизнис во регионот и да се промовираат регионални и прекугранични проекти меѓу Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.

Од ЕБОР се децидни дека Западниот Балкан е приоритетен регион за нив.  Денес, ЕБОР останува еден од најголемите институционални инвеститори во земјите од регионот, со повеќе од 18 милијарди евра инвестирани до денес.

Еден од најзначајните проекти на ЕБОР во компании од државна сосптевност е  Фотонапонската електрана изградена во кругот на РЕК „Осломеј“ што претставува прв пример на енергетска транзиција во Југоисточна Европа каде што електричната енергија ќе се произведува од сонце преку панели поставени на просторот врз стариот и исцрпен рудник за јаглен.

Со годишно производство од 15-17 гигават-часа електрична енергија, оваа фотонапонска електрана не само што ќе помага значително да ги намалиме емисиите на CO2 за 13,000 тони годишно, туку и ќе ни обезбедува струја за околу 2,800 домаќинства. Истовремено, таму го заменуваме необработливото земјиште со рекултивација и облагородување на 19 хектари површина.

АД ЕСМ продолжува да се движи кон зеленото сценарио и ќе се стреми во остварувањето на планот – Северна Македонија во блиска иднина да биде енергетски независна земја која произведува електрична и топлинска енергија од обновливи извори на енергија. Затоа, соработката со ЕБОР е клучна за АД ЕСМ и значително придонесува кон побрза и полесна транзиција кон Зелената агенда за Западен Балкан, со заложба за намалување на емисиите на стакленички гасови за 61%.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*