Don't Miss
Home / Вести / Бујар Османи: На граѓаните доста им е од национализам и лажен патриотизам

Бујар Османи: На граѓаните доста им е од национализам и лажен патриотизам

-Битола е најсоодветното место од каде што можам да ја пратам пораката, бидејќи Битола е Македонија во мало и мојата визија како европски претседател преку Европскиот фронт е да создадеме едно силно единство помеѓу сите етнички заедници, и сите граѓани на нашиот пат кон Европската унија. Мислам дека таа порака денеска ни ја дадоа и гласачите на кои им е доста од поделби, доста од пораки на политички партии коишто бараат 61 пратеник за да ги исклучат другите, за да ги исклучат Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Египјаните-ова го истакна на вечерашниот митинг во Битола, кандидатот за претседател на ДУИ и Коалицијата Европски фронт на неколку албански партии Бујар Османи.

Тој додаде дека е поминато времето на доминација на една нација врз другите. Македонците ќе бидат најсреќни и задоволни ако нивните соседи се среќни, задоволни и еднакви.

– Затоа, понудата на Европскиот фронт е да бидеме сите еднакви, сите да тргнеме на марш за членство во Европската унија во 2030 година. Таквата идеја денеска ја доби најголемата поддршка-порача вечерва од Битола, Бујар Османи притоа додавајќи дека граѓаните бараат час поскоро решение за нивните проблеми.

-Граѓаните бараат нивните деца да не бегаат веќе во Европската унија, туку Европската унија да дојде кај нас. Исто така граѓаните бараат соживот, доста им е веќе од национализам и лажен патриотизам. Доста им е и од потребата да земаат дури и бугарски пасоши и лажно да се пријавуваат, заради тоа што бараат решение за нивните деца. Затоа мојата порака е дајте да се сплотиме, да ги направиме уставните измени, да ги отвориме поглавјата, до 2030 година секој наш граѓанин во својот џеб да си има европски пасош, за да не биде приморан да земе туѓ и да нема потреба да ја напушти државата. Имаме шанса, на прагот сме, само треба да продолжиме по тој пат- истакна на предизборниот митинг што вечерва се одржа во Пациото на Заводот и музеј во Битола, кандидатот за претседател на ДУИ и Коалицијата Европски фронт, Бујар Османи.

Инаку, вечерва на митингот во Битола пред присутните се обратија и лидерот на ДУИ Али Ахмети, Зијадин Села, Крешник Бектеши, Муса Џафери и локалниот лидер на ДУИ во Битола.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*