Home / Вести / ЕУ ќе гради пруга од Црното до Јадранското море

ЕУ ќе гради пруга од Црното до Јадранското море

Европската унија ќе ја финансира изградбата на железничката пруга од Kоридорот 8, која треба да ги поврзе Јадранското и Црното море и ќе минува преку територијата на Македонија, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за Дојче Веле.

Хан потенцира дека изградбата на транспортниот коридор 8 е еден од проектите што ЕУ ќе ги финансира во Македонија.

Во интервјуто, дадено во пресрет на денешниот Самит за Западен Балкан во Трст на кој главни теми се реализацијата на транспортни и енергетски проекти, Хан нагласи дека ЕУ ќе финансира вклупно шест сообраќајни коридори во регионот, од кои четири ќе се однесуваат на автопатишта, а два на железнички пруги.

– Еден од железничките проекти е коридорот осум кој треба да воспостави врска Исток-Запад од Бугарија преку Македонија до Албанија, изјави Хан.

Тој натаму најавува дека на Самитот во Трст, Брисел ќе претстави амбициозен план за западниот Балкан што ќе се фокусира на два сегменти – инфраструктурата и луѓето.

Хан најави дека ЕУ планира да привлече средства од меѓународни финансиски институции преку финансирање на грантови за западниот Балкан, наменети за проекти од сферата на транспортот и енергетиката.

Според него, целта на овие проекти е да се придонесе за побрз развој на регионот, како и за зближување на земјите од Балканот и нивно приближување кон ЕУ.

Еврокомесарот се осврнува и на идејата за формирање на заеднички пазар на државите од западен Балкан, отфрлајќи ги критиките дека со ова Брисел се обидува да создаде некаква нова Југославија.

– Тоа воопшто не е нашата цел. Туку тоа е начин за регионално поврзување по примерот на балтичките држави. Еден пазар од 20 милиони жители е многу поатрактивен, а соработката на регионално ниво ќе им помогне на државите од регионот да бидат поконкурентни во самата ЕУ, кога ќе станат дел од неа. Најважна цел на ЕУ е да ги убеди државите од западен Балкан дека тие се дел од нас, дел од нашето семејство, посочи Хан во интервјуто.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!