Don't Miss
Home / Економија / Голем пад на каматите на станбените кредити

Голем пад на каматите на станбените кредити

Повеќе македонски банки ги намалија каматите на станбените кредити и влегоа во трката по клиенти за овој вид кредити, односно на некој начин станаа директни конкуренти на државата и нејзиниот проект „Купи куќа“, преку кој досега се нудеа најниски камати за купување недвижности.

Големиот број субјекти во финансискиот сектор, како и огромните средства со кои располагаат, ги тераат банките на намалување на каматите за да пласираат поголем дел од парите кај граѓаните, а секако и за да имаат сигурен прилив на средства во наредниве години. Деновиве граѓаните се сведоци на промоција на рекордно ниските камати за станбените кредити што ги даваат трите големи банки во Македонија. По промоцијата на Стопанска банка за станбен кредит од само 3 отсто камата во првата година, вчера и Комерцијална и НЛБ Тутунска банка промовираа станбени кредити со камата од само 2,9 отсто.

– Почнувајќи од 18.11.2014 година, Комерцијална банка започна со понуда на најповолен станбен кредит со ЕУР-клаузула со промотивна каматна стапка од 2,9 проценти годишна, фиксна за првите 3 години и 6,85 отсто годишна, променлива за остатокот на период на отплата на кредитот. Промотивниот период ќе трае до 31.3.2015 година. Банката го продолжи и промотивниот период, во кој сите станбени кредити со ЕУР-клаузула ќе се одобруваат без надомест за одобрување и администрирање и без трошоци за процена на обезбедување до 31.3.2015 година. За одобрени станбени кредити наменети за рефинансирање постојни станбени кредити во Комерцијална банка ќе се пресметува и наплатува надомест во согласност со актите на банката – велат во банката.

Со сличен допис се јавија и од НЛБ Тутунска банка, од каде што исто така најавуваат дека воведуваат празничен станбен кредит со каматна стапка од само 2,9 отсто фиксна за првите три години на користење на кредитот. Намалени се и каматните стапки на преостанатите станбени кредити и зголемен е периодот на важење на фиксната каматна стапка од 3 на 5 години, кои се одобруваат без манипулативни трошоци и без трошоци за процена.

 

Граѓаните најсигурни во враќање на долговите

 
Финансиската криза што ги зафати светот и земјава во која се покажаа граѓаните како посигурни кредитобаратели, според упатените во проблематиката, е една од причините поради сѐ пониските каматни стапки.

– Ова се најниските камати во изминативе години, па дури и пред финансиската криза. Кредитите за секторот население, особено оние за станбени кредити, се покажаа како посигурни отколку кредитите што се одобруваат за секторот стопанство. Лошите пласмани на кредитите се многу помали кај населението отколку кај стопанството, што е една од причините сѐ повеќе комерцијални банки да се вртат кон граѓаните – вели поранешниот гувернер Љубе Трпески.

Трпески потенцира дека банките сега сѐ повеќе се насочени кон пласман на вишокот средства кај населението, каде што пласманот е помалку ризичен отколку во стопанството и каде што има помалку проблематични кредити.

– Банките се сигурни дека граѓаните ќе го исплатат кредитот и затоа се насочуваат кон нив. Дел од причините поради кои сѐ почесто се намалуваат каматните стапки е и конкуренцијата меѓу самите банки, кои во трката по повеќе клиенти ги следат каматите и кај другите банки, но и преостанатите чекори што ги преземаше Народна банка, како и Владата – додава Трпевски.

Тој потсетува дека удел во намалувањето на каматите има и проектот на Владата на Македонија „Купи куќа, купи стан“, преку кој првпат започнаа да се даваат станбени кредити со каматна стапка под пет проценти.

Каматите паднаа поради „Купи куќа, купи стан“?

Во проектот наречен „Купи куќа, купи стан“ Владата влезе во соработка со комерцијалните банки, преку кои се нудат кредити со ниска каматна стапка, која во зависност од моделот се движи околу границата од четири проценти. Со овој проект првпат во земјава се понудија пониски камати за станбени кредити, кои на некој начин беа и конкуренција плус за комерцијалните банки.

Во трката по клиент повеќе банките денес повеќе им ги нудат сопствените производи на граѓаните, па дури им ги наметнуваат во ситуации кога тие се распрашуваат за проектот „Купи куќа купи стан“.
– Пред краток период се распрашувавме во една од банките кои се условите во рамките на владиниот проект, дали е подобро да земеме преку моделот за половина рата или за учество за стан. Сепак, од банката постојано ни го нудеа нивниот станбен кредит, дури на моменти имав чувство како да ни го наметнуваат, а за овие проекти избегнуваа да зборуваат – вели триесетгодишниот Илија Давидовски.
Слично искуство со нас сподели и скопјанката Анета П., која, пак, потенцира дека службеничките од банките воопшто не го спомнувале проектот „Купи куќа, купи стан“, а на нејзино прашање ѝ велеле дека повеќе ќе изгуби со тој кредит отколку со нивниот.
Ова за некогашниот гувернер е сосема очекувано, бидејќи банките ќе гледаат да ги нудат пред сѐ своите производи, па потоа туѓите.

– Банката на клиентите секако дека ќе сака да им ги продаде прво своите производи и затоа им ги нудат своите кредити, а не овие на Владата со субвенции во отплатата или учеството – додава Трпевски, кој потврдува дека токму овој проект придонесе во намалувањето на каматите.

 

Колкави се каматите?

2,9% е најниската фиксна каматна стапка за станбен кредит кај комерцијалните банки

3,95% е најниската каматна стапка кај проектот „Купи куќа, купи стан“

од 3 до 5 години трае фиксната каматна стапка за отплата на станбен кредит

 

 

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*