Home / Колумни / И Дедо Мраз заболе од политичка деменција

И Дедо Мраз заболе од политичка деменција

                                                                                                                                     

                   Веќе ги живееме првите денови на Новата 2020 година.

          Иако сеуште не сме отрезнети од новогодишното пијанство, проследено со многу емоции, радост, среќа и излив  на желби, сепак  животот  полека не враќа во реалноста.

          По неколкуте убави денови на живот, повторно се  враќаме  во суровата реалност, на преживување, проследено со (не)решавање на многу тешкотии и проблеми.

           Постојано кога ја испраќаме Старата и дочекуваме Новата година, како по некое непишано правило во сите новогодишни анкети се обидуваме колективно да ја (пр)оцениме годината која ја испраќаме.

          Притоа заборавеме дека секоја година, секој од нас, обичните смртници, различно ја  живеел и доживувал.

          На некои  2019 година им донесе (пре)многу радост, среќа, задоволства, профит,остварување на нивните дневни, или животни желби.

          На други пак , наместо да им донесе радост и среќа им однесе   многу нешта во кои пред тоа тие уживаа.

          Но едно што е заедничко за сите, е тоа што сите ние, без исклучок, на истекот на  Старата 2019  и дочекот на Новата 2020 година, вечерта кога се поклопија стрелките на часовникот точно на бројката 12,  посакавме во Новата 2020 година да не следи  добро здравје и радост.

          Умните рекле. Ако е човек здрав има многу желби, но ако е болен има само една. Да оздрави!

          Затоа сигурен сум дека  вечерта на 31  декември 2019 година, сите ние, без исклучок дали таа вечер  бевме болни, или здрави, посакавме  во Новата 2020 година да не служи, или да ни се врати здравјето.

          Покрај здравјето верувам дека сите  обични смртници, на 31 декември посакаа покрај здравјето да ги служи и среќата.

          Луѓето кои имаат здравје се (нај)богати. Но на  тие пак кои имаат и среќа може да  им позавидат и најбогатите милјардери во светот.

           Здравјето и среќата се единствените нешта кои секој човек од нас ги има или не, и кои не зависат од други.

          Нам одамна  сите желби упатени кон Дедо Мраз се исклучиво тој да ни донеси здравје и среќа.

          Ние како народ, чест на исклучоци, мислам дека веќе  се откажавме некои други да ни носат радост и среќа. Дедомразовците кај нас одамна ги снема. Тие веќе  многу ретко доаѓаат и за Нова година.

          Одамна и тие станаа свесни дека не можат да ги исполнат желбите на овој толку напатен и трпелив  народ, кој  цели три децении од македонската  независност живее во (лажна) надеж дека утрешниот ден  ќе биде подобар и поберикетен од претходниот.

          Времето покажа, дека  во  изминатите  децении од македонската независност  сите оние кои, ни ветувале благосостојба, најчесто ни носеле нови разочарувања, а многу често и страдања.  Обично тие се грижеле наместо на народот, себеси да си го направат животот подобар и посреќен.

          Оттаму најдобро е човек наместо да бара  од друг да му го направи животот подобар и посреќен, сам да се обиде да си ја (по)бара среќата.

          А неможејќи тука да ја најдат среќата за себе, во изминатите неколку години многумина наши сограѓани тргнаа по белиот свет да ја бараат  својата среќа.

          Тие што немаа таква храброст, или можност, останаа тука среќата да ја  бараат најчесто  во политичките партии кои деновиве  се растрчаа на теренот, чукајќи од врата на врата, повторно да го бараат  гласот на народот за да ги завршеле старите и да почнеле нови проекти, со кои ќе придонесат во Македонија да тече мед и млеко.

          Чест на исклучоци, но за жал голем број од македонските политичари  очигледно патат од политичка деменција.

          Тие најчесто на своите ветувања забораваат уште наредниот ден по нивниот избор.

          Во наредните денови граѓаните на Битола и Македонија повторно ќе бидат бомбардирани со старо-нови ветувања.Иако се мислеше дека изборите ќе бидат одложени, сепак тие ќе се случат на 12 април.

          До 12 април политичките партии буквално 24 /7 ќе бидат на терен  барајќи го  гласот на народот. Повторно  нему ќе му се ветува се и сешто.

          Политичките активисти  веќе се на терен.

          Сега, само улогите се сменија. Сега опозицијата, осоколена од приликата која му се укажа, ветува нови инвестиции од неколку милјарди евра,милјарди евра за (по)чист воздух, повисоки плати, пензии, спречување на егзодусот на младите во светот, расчистување со криминалот, корупцијата, непотизмот, професионална администрација, непристрасно и професионално судство…

          Во своите ветувања не заостанува ни власта, која и под водството на техничката влада и натаму не се откажува од идејата на овие простори да донесе живот за сите, нови инвестиции,  расчистување со криминалот на фамилијата, довршување на судските процеси покренати од СЈО, повисоки плати за лекарите, медицинските сестри, зголемување  на платите на учителите и професорите, пензиите, повеќе пари за земјоделците, шанси за младите…

          И власта и опозицијата  безмалку ветуваат благосостојба, не само за себе и своите најблиски, туку за сите.

          Во овие празнични денови, по испраќањето на Старата и дочекот на Новата година, во предвечерието на Божикните празници, кога сите ние ќе ги поминеме со нашите молитви и повторно ќе се соединеме со бога, оставаме секој сам  да ја донесе одлуката, кому ќе (по)верува.

          Но без да сугерираме кому ќе го дадат својот глас, нашата препорака е народот најмногу да си верува сам себеси, во своите способности и желба за успех и тој самиот да си биде кројач на својата судбина.

          Со такви желби  и верба во себе на сите наши чиатели има посакуваме  успеша и берикетна Нова 2020 година и среќен Божик.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!