.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Македонија / Карпош прослави 41 година постоење

Карпош прослави 41 година постоење

Вчеравечер, во „Кинотека на Македонија“, свечено беше одбележана 41. годишнината од формирањето на Општина Карпош.  Во присуство на поранешни градоначалници од Општина Карпош, актуелни градоначалници од скопските општини, советници од актуелниот состав на Општина Карпош, како и советници од претходните мандати, и од  општинската администрација, градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, и претседателот на Советот Душко Весковски, ја истакнаа благодарноста до сите претходни генерации на  градоначалници кои ја управувале локалната самоуправа, советниците, како и до општинската администрација, велејќи дека секој од нив оставил траен белег во развојот на Општина Карпош.

На 03. Ноември, во далечната 1976 година официјално е создадена Општина Карпош, заедно со уште неколку скопски општини. Низ годините Карпош прерасна во една урбана историја, посакувана дестинација за многу жители на градот Скопје, но и за луѓето од сите краишта на Република Македонија. Карпош прерасна во своевиден „ град во градот“, со многу спортски, културни, образовни и филантропски манифестации. Општина Карпош е прогласена за најтранспарентна и општина со најголема социјална инклузија.

Манифестацијата започна со изведба на државната химна на Република  Македонија, од страна на  на Драгана Тодорова, ученичка во ООУ „ Лазо Трповски“. Претседателот на Советот на Општина Карпош Душко Весковски потенцираше дека Карпош не само што е најубава и најурбана Општина, туку е и „наша сегашност и иднина“.

Тоа за нас советниците од Карпош, секој поединечно претставник на најмалку илјада граѓани, врз себе го зедовме товарот нашата локална самоуправа да ја издигнеме на едно ниво повеќе, да ја претвортиме во најубаво место за живеење. Карпош е голем онолку колку што се големи желбите и барањата на сите наши сограѓани: од Бардовци до Нерези, од Влае до Карпош 1. Ние тоа го знаеме и сме цврсто решени да истраеме на патот на изградбата на нашата Општина, дециден беше Весковски.

Весковски напомена дека најголемиот коректор ќе бидат карпошани, и тој клучен фактор во ниту еден момент нема да се заборави.  Претседателот на Советот на Општина Карпош, исто така нагласи дека вратите на Општината ќе бидат ширум отворени, за да гласот на карпошани биде секогаш ислушан и испочитуван.

Победниците на овогодинешниот „Карпош има талент“,  октетот од ООУ „ Владо Тасевски“ во маестрална изведба под менторство на Елизабета Станоевска на сцената ја испејаа староградската антологиска песна „ Дафино вино црвено“, воодушевувајќи ги присутните гости.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев им се заблагодари на сите гости  што го удостоиле овој значаен датум со своето присуство. Богоев нагласи дека му претставува особена чест и задоволство што зборува за Општината во која се родил, израснал и сега, по дадената доверба од своите сограѓани , ќе ја води во едно подобро утре, кон подобар живот за сите граѓани во неа.

Во минатиот период многу работи ви ветив, за многу работи разговаравме, се договоривме. Внимателно ве слушав, и се обидов што е можно повеќе да вградам од вашите желби во својата програма за подобар Карпош. Ви ветив живот во Карпош, онаков каков што посакуваме, онаков каков што заслужуваме.Ние младите, велат, имаме оригинални идеи, храбри и ентузијастички. Но тоа, не ни е слабост. Напротив тоа ни е предност. Всушност отсекогаш иднината на Карпош била и е во младите, идните генерации кои допрва доаѓаат кои сакаат да го кажат својот план, својата програма. Јас цврсто верувам дека заедно со вас ќе успееме во таа мисија, категоричен беше градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.

Општинскиот татко потенцираше дека ги почитува претходните генерации на градоначалници , на советници, на администрацијата која со децении работела на подобрување на ликот на Карпош. Богоев напомена дека со советниците и покрај тоа што се разликуваат во идеите и идеологиите, имаат единствена желба: Карпош да биде поубаво и попросперитетно место за живеење.

На крајот, во духот на кажаното, најмладите жители на Карпош, ученичкиот хор од ООУ „ Лазо Трповски“ ја испејаа официјалната химна на Општина Карпош. По завршувањето на свечениот дел, присутните си го честитаа роденденот на Општината со пригоден коктел во фоајето на „Кинотеката на Македонија“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*